МПЦ и Католичка црква вчера на контра-парадата, деца во првите редови

by fokus

Паралелно со „Скопје прајд“ вчера се одржа и контра парада во организација на 19 граѓански здруженија и неформални групи од граѓанско – верската платформа „Сојуз за живот“. Голем број од присутните беа деца, кои носеа транспаренти и маршираа во првите редови.

Учесниците на маршот побараа зачувување на традиционалните семејни вредности со почитување на бракот како заедница меѓу маж и жена, спротивставувајќи се на редефинирање на семејството, бракот, полот и родот.

„Бог, брак, семејство, смисла“, „Само животот има иднина“, „Полот и родот се биологија, а не идеологија“, „Мајка и татко-темелен покрив“, „Плодот во утробата има права“, „Пропаганда стоп“,  беа дел од транспарентите на маршот.

Под мотото „Сведоштво за семејството“ пораки за зачувување на вредностите на традиционалното семејство и бракот упатија и претставници на МПЦ- ОА, Католичката и Евангелистичката црква во државава и од невладини организации.

– Се собравме на ова сведоштво не со цел да бидеме против некого, туку за да засведочиме за она што е единствено вистинско и живоодржливо. Нема ништо поживо, попоттикнувачко и поодржливо од бракот и семејството. Затоа испраќаме порака до оние кои имаат моќ да одлучуваат, моменталната и идните власти, дека како граѓани и како верници од сите традиционални верски заедници во Македонија не се согласуваме и не го прифаќаме процесот во западните земји кој има за цел редефинирање на бракот, семејството, полот и родот.  Покрај порака упатуваме и загриженост за последиците од  тие процеси – рече отец Ивица Тодоров од МПЦ – ОА.

Поврзани новости