Скопската епархија на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) соопшти дека не може да продолжат работите на изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“, која со години стои недоградена. Епархијата бара граѓаните, односно верниците, да помогнат и да донираат да се доизгради храмот на улицата „Македонија“ во строгиот центар на Скопје.
„Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Скопската епархија сметаат дека македонскиот народ и верниците заслужуваат храмот во центарот на главниот град да биде завршен и да се подготви за осветување и да биде ставен во функција. Како прв чекор кон тоа, потребно е да се изработи фрескоживописот. Немајќи доволна финансиска можност за да го доизгради храмот, Скопската епархија изразува надеж дека во следниот период ќе се најдат благочестиви христијани кои ќе го помогнат довршувањето на храмот ‘Свети Константин и Елена’, кој ќе биде гордост на градот и на МПЦ-ОА“, се вели во соопштението на Скопската епархија.
Скопската епархија информира и дека ги подмирила сите долгови кон изведувачот на досегашните градежни работи и дека го има храмот во своја сопственост.
„Ги известуваме верниците и целокупната македонска јавност дека храмот ‘Свети Константин и Елена’, кој се гради во центарот на Скопје, е во целосна сопственост на Скопската епархија при Македонската православна црква ‒ Охридска архиепископија“, се вели во соопштението.
МПЦ-ОА е, инаку, коинвеститот во големиот станбено-деловен комплекс којшто се гради крај Вардар, на местото на поранешниот паркинг кај хотелот „Холидеј Ин“.
Црквата „Св. Константин и Елена“ почна да се гради во ноември 2012 година, а на поставувањето камен-темелник присуствуваше и тогашниот премиер Никола Груевски. Инвеститори се МПЦ-ОА и Фондацијата „Св. Цар Константин“, формирана од МПЦ специјално за изградбата на црквата. Груевски организираше три донаторски конференции со македонски компании за да се соберат пари за изградба.