Факт е дека какво било ембарго на пандемијата Тик-ток за хроничните онлајн-луѓе и „гниењето на мозоци“, не само што би било штетно, туку и ризично и опасно решение. Единствениот рецепт е едукација и контрола од родителите и од училиштата, затоа што апликацијата може да има и потенцијал за голем позитивен социјален инженеринг.
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Традиционално, во почетокот на месецов, Оксфордскиот универзитет го прогласи „brain rot“ („мозочно гниење“) за збор на годината. Не е најсреќно преведен, можеби посоодветен би бил „затапување на менталната функција“, но заслужува исклучителен респект поради неговата политичко-идеолошка необоеност.
Метафорички, зборот означува влошување на интелектуалната состојба, како резултат од прекумерно сурфање и консумирање тривијални и опасни онлајн-содржини. Со часови бесцелното гледање куси видеа, освен што затапува, оневозможува концентрација врз посериозни и продлабочени активности.
Жртви на вакви опасни игри пласирани преку социјалните мрежи под маската на забава неодамна беа десетина малолетници во Скопје со повреди и скршеници пренесени во градската болница „Св. Наум Охридски“. Тие учествувале во опасната тренд игра на Тик-ток, „Супермен челинџ“, имитирајќи го стрип-ликот Супермен.
ТИК-ТОК „БОМБАРДИРАЊЕ“
Нема никакво претерување во дефинирањето на феноменот. Особено поради фактот што е општоприфатен од генерациите „З“ (зед), родени во периодот од 1995 до 2012 година и „Алфа“ од 2013 до сега. Тие се поврзани со светот на Тик-ток и делириумот на „бомбардирање“ на мозокот, на тој начин што во времетраење од два-три часа гледаат илјадници видеа од по 10-15 секунди, а потоа се вџашени зошто ја губат концентрацијата и вниманието врз и околу себе.
Веќе сосема е јасно дека се навлезе во ерата на т.н. „вирус“ демократија со алгоритам преку оваа апликација како бојно поле за политичко влијание.
Политичкиот саундбајт, т.е. испраќање куса ударна порака со радиото како нова демократска технологија, првпат се случува во 1924 година на претседателските избори во САД. До тогаш било неопходно лично присуство за да се слушнат кандидатите, што практично било невозможно за огромен број граѓани.
Точно еден век подоцна, правилата се исти, различен е само медиумот. Тик-ток не бара дебати, митинзи и платена политичка програма. Десничарскиот кандидат за претседател на Романија потенцира дека не потрошил ниту леа за изборната кампања. Сосема точно, бидејќи ја водеше исклучиво преку интернет-апликацијата Тик-ток со кратки ударни пораки, кои му овозможија да победи во првиот круг.
Меѓутоа, под изговор дека имало наводна руска инволвираност, Уставниот суд го поништи по што победникот, одлуката ја оцени како официјализиран државен удар, порачувајќи дека „само народот стоел зад него“.
Тој не е ниту првиот, ниту најмоќниот радикален глас во политиката. Ерата на „плитките мозоци“ покажа дека сѐ може да се „објасни“ со едноставни пораки во неколку секунди. Се разбира, тие нема да ги решат сложените проблеми, бидејќи за нив се потребни долги, болни и непопуларни мерки, кои бараат далеку повеќе внимание од десетина секунди.
НЕПИСМЕНИ НАД 60 ПРОЦЕНТИ ОД УЧЕНИЦИТЕ
Факт е дека какво било ембарго на пандемијата Тик-ток за хроничните онлајн-луѓе и „гниењето на мозоци“, не само што би било штетно, туку и ризично и опасно решение. Единствениот рецепт е едукација и контрола од родителите и училиштата, затоа што апликацијата може да има и потенцијал за голем позитивен социјален инженеринг.
Доказ е регулираната кинеска верзија, која се користи и како инструмент за социјална одговорност со временско ограничување за користење под 14-годишна возраст и презентирање образовни, научни и патриотски содржини.
Сосема е извесно дека Мафијадонија ќе почека долго време за решение со зависниците во виртуелната стварност на социјалните мрежи. Според последните истражувања на ПИСА, функционално неписмени се над 60 проценти од учениците.
Кон овој факт треба да се додадат и просечниот 81,9 коефициент на интелигенција, кој на глобално ниво е поставен на 100 со плус-минус 15, како и проценката дека од вокабуларот во секојдневниот говор, младите имаат потреба од брза комуникација и сигнализација во вид на емотикон, па активно користат само околу 10 проценти од зборовите.
На времето, на националната ТВ имаше „Говорете македонски“, чиј денешен еквивалент се досетки, кратенки, жаргонизми и странски зборови од типот „супер“, „кул“, „ОК“, „фенси“, „бајдавеј“…
Можеби ќе се стави прст на чело и ќе дојде умот кога процентот на функционална неписменост ќе достигне 80 до 90 проценти, користењето македонски зборови ќе се сведе на минимум, а просечниот ај-кју ќе биде 80. Но, тогаш ќе биде предоцна да се крене аларм за уморните и нервозни од животот генерации и нивната духовна девастација!