Министерството за правда вчера преку соопштение информираше дека е подготвен Предлог-закон за амнестија на осудени лица чија цел е да се намали пренатрупаноста во затворите во Македонија. Во кусото соопштение стоеше дека со амнестијата ќе бидат опфатени затворениците кои се осудени за „полесни кривични дела“, без детали за тоа точно кои дела ќе бидат опфатени, но и за колку ќе се намалуваат казните.
И денеска од Министерството не сакаа да откриваат детали за тоа што точно предвидува Предлог-законот. Велат дека сакаат можното законско решение прво да го испратат до партиите, а тие потоа да дадат свои забелешки и предлози.
Предлог-законот се уште не е објавен ниту на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) каде се објавуваат сите предлози веднаш штом ќе бидат подготвени.
Како една од можните варијанти за спроведување на амнестијата се гледа опцијата да се намали времетраењето на затворските казни за 30 отсто за сите осуденици, освен за сторителите на тешки кривични дела како убиство, тероризам и организиран криминал.
Професорот Гордан Калајџиев пак, смета дека со амнестијата треба да им се намалат затворските казни за 30 отсто на сите осуденици. Исто така, тој смета дека условен отпуст треба да добијат сите осуденици кои одлежале над 20 години затвор. За оние кои се осудени на доживотна казна затвор, тој предлага услов да биде препорака од затворот за условен отпуст.
Мораме да почнеме да размислуваме што со доживотните затвореници бидејќи тие никогаш не уживаат амнестија и стануваат најпроблематична популација. Неможноста да добиете условен отпуст или помилување како што е во Македонија, е во исто време и повреда на Европската конвенција за човекови права, вели професорот.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, се жалат дека тие досега ниту го виделе, ниту го прифатиле Предлог-законот за амнестија, за кој од Министерството за правда рекоа дека е начелно прифатен од сите фактори и пратенички групи во земјава.
Овој закон ниту е прифатен, ниту е виден од страна на ВМРО-ДПМНЕ. На таа средбата со координаторите на пратеничките групи министерот Лога само информираше дека се подготвува закон и дека ќе ни го пушти на увид. Кога ќе го видиме законот тогаш ќе го изградиме ставот по ова прашање. Не може власта, во случајов Кренар Лога да ги злоупотребува тие средби, на кои само општо не брифира и потоа информира медиуми дека некој нешто прифатил. ВМРО-ДПМНЕ не функционира на тој принцип како власта да носи ставови за прашања за кои ги нема на увид во конкретни законски измени, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Катерина Смилева Божиновска