Можно ли е СДСМ да му ги помати сметките на ДУИ за Бадентер?

ДУИ вели дека за формирање на влада не е потребно само мнозинство од 61, туку и Бадентерово мнозинство. Тоа се однесува на најавите на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН дека ќе ја формираат идната влада, истакнувајќи дека на своја страна ќе го имаат и Бадентерот. Но, ако не успеат во тоа, клучен фактор за двојно мнозинство ќе биде СДСМ, на чии пратенички листи има повеќе кандидати од „помалите“ етнички заедници.

by Фокус

Иако Уставот предвидува дека изборот на влада се врши со мнозинство од вкупниот број на пратеници, односно со поддршка од најмалку 61 пратеник, ДУИ вели дека нема да има влада ако таа нема плус и Баденровото мнозинство или мнозинство од „помалите“ етнички заедници, бидејќи тоа го налагал Рамковниот договор, кој патем „интегративците“ го прогласија за нормативно затворен по законот за двојазичност.

Охридскиот рамковен доведе до две мнозинства, 61 и мнозинство по Бадентер. Забораваме и размислуваме само за едното мнозинство од 61. Едното секогаш оди со Бадентеровото. Ќе треба време за да ја сфатиме логиката на Охридскиот договор. Рамковниот договор има механизми за заштита на заедниците од надгласување, не е за заштита на мнозинската заедница. Затоа бара покрај 61 и Бадентерово мнозинство – рече потпретседателот на ДУИ и претседателски кандидат Бујар Османи.

Всушност, тој на овој начин одговара на пораките на македонската опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција ВЛЕН дека ќе ја формираат идната влада, дури и ако албанската опозиција освои помалку гласови, а со самото тоа и пратеници во однос на ДУИ, која, пак, на овие избори настапува со една широка коалиција од 9 партии, што застапуваат 4 етнички заедници – албанска, турска, ромска и бошњачка.

Тие што ме познаваат знаат дека тешко кажувам работи, но кога ќе кажам во најголем дел исполнувам. Лично ни размислувам, ни на памет ми паѓа коалиција со ДУИ. Наш природен партнер е албанската опозиција. На овие избори се потврди дека има антивладино расположение и треба да се почитува волјата на народот и да има антивладина коалиција. Не може ДУИ да се однесува незрело, ова не е бинационална држава, туку граѓанска джавата – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој на Алсат посочи дека ДУИ не може да се смета за победник во албанскиот блок, бидејќи настапи со коалиција со други етнички заедници, па аргуменентот за победник со победник не важи. Притоа, Мицкоски смета дека единствен претставник на албанскиот народ е опозициската коалиција на Арбен Таравари, Биљал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити, од каде, исто така, тврдат дека се единствен претставник на Албанците, откако ДУИ излегол од етничкиот камп и одбрал граѓански концепт.

„Сега кога доаѓа време за одговорност за коруптивните скандали се обидуваат како штит да го користат целиот албански народ и помалите етнички заедници кои ги користат како заложници. Тие веќе видени трикови не поминуваат. После 8-ми мај ќе има и Влада со ВЛЕН како единствен легитимен политички репрезент на Албанците, ќе има и Бадентерово мнозинство, ќе бидат обезбедени и фундаментите на Охридскиот рамковен договор“, велат од ВЛЕН.

Со оглед дека на пратеничките листи на коалицијата на ДУИ има исклучиво припадници на „помалите“ етнички заедници, тогаш сите тие би влегле во т.н. Бадентерово или двојно мнозинство. Инаку, „интегративците“ сметаат дека ќе го контролираат ова мнозинство, неопходно за многу закони од областа на културата, образованието, јазиците, симболите итн., бидејќи ќе освојат далеку повеќе пратеници од албанската опозиција ВЛЕН.

Ако Европскиот фронт на чело со ДУИ и ВЛЕН на парламентарните избори ги повторат резултатите на Османи и Таравари од првиот круг на претседателските избори, произлегува дека ДУИ ќе има 5 пратеници повеќе од ВЛЕН (17:12), со тоа што во Мала Речица очекуваат на парламентарните избори да го подобрат резултатот и да ја зголемат оваа разлика. Истовремено, подобар резултат очекува и ВЛЕН.

Како и да е, доколку ДУИ има неколку пратеници повеќе од ВЛЕН, може навистина да се случи најавената и очекувана коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да нема Бадентерово мнозинство, бидејќи на пратеничките листи на ВМРО-ДПМНЕ нема претставници на „помали“ етнички заедници, освен првиот човек на српската партија. Арно ама, треба да се има во предвид еден друг момент.

Имено, на пратеничките листи на СДСМ има неколку претставници на албанската, турската и други „помали“ етнички заедници, па се поставува прашањето дали СДСМ во опозиција ќе биде клучот на која страна ќе превагне Бадентеровото мнозинство? Неофицијално, СДСМ ќе сака да има улога на конструктивна опозиција и секогаш ќе дава поддршка за реформски законски решенија.

Влатко Стојановски

Поврзани новости