Претседателот на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања на Стопанската комора, Глигор Бишев верува дека првите позитивни сигнали на успорување на растот на цените до кои дојде во САД и еврозоната, во претстојниот период ќе се почувствуваат и во Македонија.
Според Бишев, можно е натамошно зголемување на каматите со цел домашната потрошувачка да се сведе на ниво кое ќе доведе до рамнотежа со понудата на стоки и услуги.
-Растот на каматните стапки е процес што се одвива во сите земји со оглед дека инфлацијата е глобална, не не погодува само нас. На тој план, клучното прашање е како да се зголемат каматните стапки, да се намали потрошувачката и на тој начин да се забави инфлацијата и да се намалат инфлаторните очекувања без тие значително негативно да влијаат врз инвестициите. На светско ниво и кај нас можно е да очекуваме натамошно зголемување на каматите со цел домашната потрошувачка да се сведе на ниво кое ќе доведе до рамнотежа со понудата на стоки и услуги и да се вратиме на ниво на инфлација која ја памтиме во последните десетина година, изјави Бишев по првиот панел од конференцијата „Предизвици на економските политики во 2023 година“ што ја организира Стопанската комора.