Новата Година нема да почне со поскапа струја, а први декември ќе донесе намалување на цените на основните прехранбени производи. Министерот за економија Крешник Бектеши за Дојче веле уверува дека Владата има решение за смирување на кризата. Тој најавува засилување на инспекциските контроли за да нема злоупотреби и тврди дека увозот на струја периодов била поевтина опција од домашното производство.
-Нема да има драстично зголемување на цената од 1 јануари, можни се и поместувања во надолна линија. Сѐ зависи од тоа што ќе утврди Регулаторната комисија откако ќе се направат соодветните анализи и проекции и, адекватно на тоа, ако е потребно ќе биде донесена соодветна одлука од страна на Владата. Согласно нашите проекции и разговорите што ќе ги имаме во Економскиот совет, можам да кажам дека кризата нема да биде на товар на граѓаните, на домаќинствата и на малите потрошувачи.
Што и да се случи со производството на ЕСМ, што и да се случи во енергетскиот систем, граѓаните никогаш нема да плаќаат повеќе од она што моментално плаќаат. Јас ги имам пресметките колку би можела да изнесува таа и тврдам дека зголемувањето нема да биде на товар на граѓаните – рече Бектеши.