Разговорите за изборот на новиот министер за здравство се во тек со коалициските партнери од владејачката коалиција. Во опција се повеќе имиња. Реконструкција на Влада ќе има доколку биде избран кандидат кој не доаѓа од Алијансата за Албанците, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
– Се уште немаме одлучено. Почнавме разговори со коалиционите партнери, се надеваме дека до крајот на оваа седмица ќе можеме да донесеме одлука. Сите опции се отворени, во моментов ниту јас знам кое ќе биде името, од која политичка партија, кој ќе биде избран од кандидатите, рече премиерот Заев на новинарско прашање по предавањето на донација за Клиниката за гинекологија и акушерство.
Посочи дека консултациите продолжуваат, сите опции се отворени, а пред се, нагласи, многу е важно и персоналното решение односно за какви луѓе се разговара. Тој информира дека добил име како предлог од Алијансата за Албанците за испразнетото министерско место, но има и други имиња кои сакаат да ги разгледаат со цел да се донесе најдоброто можно решение.
– Во одлучувањето мора да не води прво името на кандидатот за да може граѓаните, пациентите, лекарите, медицинската фела да му веруваат. Тоа е минимумот што го очекуваме, а потоа заедно со сите се надевам на успешни реформи во здравството затоа што се неопходни. , рече Заев.
За соработката со Обединети за Македонија, на Љубе Бошковски, премиерот рече дека со нив имаат коалиција и на парламентарните и по парламентарните избори вклучително и во делот на партиципација во извршната власт. За ВМРО-Народна партија, на Љупчо Георгиевски, посочи дека и биле понудени места кои не биле прифатени, но остава можност по изборите да разговараат и да бидат составен дел и на извршната власт.
– Со сите тие партии имавме коалиција и на локалните избори. Тоа самото по себе потврдува дека ги разгледуваме сите кандидатски места, сите кадровски решенија кои може да бидат добро решение во интерес на граѓаните, изјави премиерот Зоран Заев.
Извор: МИА