Можни се мерки на Владата за контрола на цените

by fokus

Во вторник на следната владина седница Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) треба да поднесе извештај во врска со бојкотот на маркетите поради високите цени на прехранбените производи, најави премиерот Хриситјан Мицкоски и порача дека се можни мерки во однос на контрола на цените.

„Мислам дека Државниот пазарен инспекторат заедно со Министерството за економија и труд ќе излезат во јавноста со одредни параметри. Ако тоа не се почитува од страна на системот, а тој започнува од производители, дистрибутери и ланци, тогаш како Влада ќе треба да преземеме поинаков тип на дефанзивни мерки за да го контролираме тоа, таму каде што е потребно. Оваа акција ќе биде проширена бидејќи не само супермаркетите или хипермаркетите, предмет на анализа ќе бидат и други економски оператори како аптеки, продавници за бела техника. Не може некои производи во соседните земји да бидат два – три пати поевтини отколку кај нас, а се работи за ист производ од ист производител и со иста царинска стапка,“ кажа Мицскоски.

Тој рече дека ги разбира граѓаните и нивниот револт за бојкотот на маркетите, поради високите цени на производите, но смета дека решението треба да се бара со разговор помеѓу сите засегнати страни.

„Доколку гледаме дека едната страна не почитува договорено тогаш како Влада ќе мора да интервенираме. Ние не сакаме со интервенционализам да водиме политика, сакаме преку дијалог да дојдеме до заедничко решение. Се обидовме пред Нова Година, но знаете како заврши тоа, беше нарушена довербата помеѓу Владата и трговците,“ рече Мицкоски.

Премиерот не ја исклучи можноста да се донесат мерки во однос на цените на производите уште на седницата во вторник, на која ќе реферира и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, а на која ќе бидат поканети и други надлежни институции.

Поврзани новости