Можни опции: Уставот на гласање веднаш, пред втората конференција, пред избори или никогаш?

Со оглед дека спикерот Талат Џафери има правни можности да го води процесот според политички потреби, особено ако примени субјективно толкување така што некои норми ќе се растегнат или ќе се „читаат“ крајно ригидно, на маса има неколку опции.

by Фокус

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во пресрет на очекуваната пленарна седница на Собранието, на која утре треба да почне парламентарната расправа за пристапување кон измена на Уставот, со цел внесување на Бугарите и уште неколку „помали“ етнички заедници во Преамбулата, останува неизвесно каков ќе биде епилогот на процесот од кој зависат преговорите со ЕУ.

Имено, за отворање на Уставот неопходно е двотретинско мнозинство, кое СДСМ, ДУИ и другите владејачки партнери се уште не можат да го обезбедат, бидејќи опозицијата одбива да даде поддршка. Ако досега најголем „проблем“ беше противењето на ВМРО-ДПМНЕ, сега испадна дека и албанската опозиција има свои услови на кои опстојува до крај.

Кога виси двотретинското мнозинство за успешно да се истера промената на Уставот, што всушност е услов да ги отвориме преговарачките поглавја со ЕУ по завршување на скринингот, се поставува прашањето како парламентарната постапка ќе ја менаџира власта преку спикерот Талат Џафери?

Со оглед дека познавачите посочуваат дека тој има правни можности да го води процесот според политички потреби, особено ако примени субјективно толкување така што некои норми ќе се растегнат или ќе се „читаат“ крајно ригидно, на маса има неколку опции…

ГЛАСАЊЕ ВЕДНАШ ПО РАСПРАВАТА

Инаку, предвидено е парламентарната дебата за отворање на Уставот да трае најмногу 10 дена. Но, упатените велат дека и тука има простор за произволни интерпретации. Како што велат тие, може да се толкува дека 10-те дена почнуваат да течат од отворање на расправата или пак да се толкува дека расправата се исцрпува по 10 дена во кои имало дискусија.

Доколку одлучи да постапува конвенционално и некреативно, Џафери треба да смета дека 10-те дена завршуваат по утрешното отворање на расправата, се разбира, доколку таа започне, бидејќи спикерот има можност и да ја одложи непосредно пред почетокот или да ја прекине веднаш по утврдување на дневниот ред и говорниците.

Во таква ситуација, тој по истекот на предвидените 10 дена или порано, бидејќи теоретски расправата може да заврши и за еден ден, може да побара гласање. Впрочем, тој сигурно така би постапил доколку досега имаше двотретинско мнозинство за позитивен епилог, или, пак, доколку власта беше спремна на брзи избори во случај на неуспешно гласање.

Бидејќи ниту има двотретинско мнозинство, ниту сака да оди на вонредни избори, во игра се неколку опции како да одигра власта, од причина што ако одлучи да го спроведе првото сценарио и на крајот гласањето пропадне, опозицијата ќе се ослободи од товарот да учествува во процесот. Сепак, намерата на власта е притисокот да продолжи и опозицијата да се стави во тесно.

ГЛАСАЊЕ ПРЕД МЕЃУВЛАДИНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА

Затоа, многу аналитичари сметаат дека далеку пореална опција е Џафери да го замрзне процесот во парламентот, односно по исцрпување на дебатата да ја прекине седницата и гласањето да го стави непосредно пред втората меѓувладина конференција со ЕУ, која треба да се одржи во ноември.

Како што е познато, земјава лани одржа прва меѓувладина конференција и го започна скрининг-процесот. Според преговарачката рамка, изготвена врз основа на „францускиот предлог“, втората меѓувладина конференција треба да се одржи во ноември годинава, но услов за тоа е претходно да заврши вметнувањето на Бугарите во Уставот.

Иако отворањето на Уставот е само една од повеќето фази, во случајов или Уставот ќе се отвори и ќе се промени или процесот ќе биде блокиран уште во старт. Ако опозицијата опстои на отпорот во следните десетина дена, како што се очекува, бидејќи нема поинакви сигнали, тогаш власта може да одлучи гласањето да го закаже непосредно пред одржувањето на втората меѓувладина конференција.

На тој начин, целта е да се остави време дотогаш да се засили притисок врз опозицијата. Ако тоа не вроди со плод и опозицијата повторно биде против, тогаш целта на власта е да се засили перцепцијата дека опозицијата е виновна за застојот во интеграцискиот процес, за изолацијата што следува по одвојувањето од Албанија, како и за сите негативни последици.

ГЛАСАЊЕ ПРЕД ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ

Меѓутоа, многумина сметаат дека, иако втората варијанта е пореална од првата, сепак, има една трета можеби најреална варијанта – гласањето никогаш да не се одржи или евентуално да се остави во очи на парламентарните избори, кои најверојатно ќе се одржат во редовниот термин следната 2024 година.

Од нормативен аспект, постапката за уставни промени може да се отвори и да закочи во било која фаза, при што процесот може да хибернира се до крајот на мандатот на пратениците и парламентарниот состав, односно се до следните парламентарни избори. Поточно, со изборот на нов парламентарен состав паѓаат во вода сите поминати чекори.

За потсетување, промената на Уставот иницирана пред неколку години од страна на тогаш владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, која предвидуваше уставна дефиниција на бракот, финансиски економски зони, државен грб и др., заглави во понапредна фаза и процесот никогаш не беше комплетиран. Дојдоа избори и работата пропадна.

Доколку никако не обезбеди двотретинско мнозинство, власта може да процени воопшто да не го става на гласање отворањето на Уставот, или пак тоа може да го направи непосредно пред изборите со цел предизборно да ја означи опозицијата како антиевропска структура, која од внатре ја опструира европската иднина и перспектива на државата и граѓаните.

Поврзани новости