Иако до локалните избори има повеќе од половина година, веќе избиваат на површина потенцијални кандидати на водечките политички партии, а некои од нив јавно ги истакнаа амбициите да влезат во градоначалничка трка и водат отворена кампања. Притоа, најголем интерес има за Градот Скопје, најголема и највлијателна локална самоуправа на чело со градоначалничката Данела Арсовска, која најави дека нема да се кандидира за нов мандат.
ПОТЕНЦИЈАЛНИ КАНДИДАТИ НА ВМРО-ДПМНЕ
Во меѓувреме, интерес да влезат во трка за нов скопски градоначаник изразија неколку кадри од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои е и актуелниот градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, кој воедно е претседател на ЗЕЛС.
–Како што кажа и претседателот на владата и на ВМРО-ДПМНЕ, во следниот период ќе бидат спроведувани анкети, на кои, освен мене, претпоставувам дека ќе бидат и другите скопски градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, но секако ќе има и други личности што ќе бидат анкетирани. Јас, мојата амбиција, со оглед на тоа што сум претседател на ЗЕЛС, ја изразив уште пред повеќе од една година. Сметам дека доста сработив во општината, дека имаме резултати позади себе, енергија, тим…
Но, пред сѐ, имам и концепт како треба Скопје да изгледа во перспектива, како градот треба да се среди за релативно кратко време. Мислам дека и тоа изминатиов период го поздравуваат и граѓаните од кои ја добивам сериозната поддршка. Така што, не ја криев ни во минатото, ниту сега амбицијата за градоначалник на Скопје – вели Ѓорѓиевски во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“.
![](https://fokus.mk/wp-content/uploads/2025/02/Orce-Gjorgjievski-fevruari-2025.jpg)
Орце Ѓорѓиевски
Покрај него, како можен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје се смета уште еден актуелен градоначалник на скопска општина. Тоа е градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, кој деновиве во едно телевизиско гостување изјави:
„Чест ми е што моето име е едно од имињата што се споменуваат како можен градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Градот Скопје. Тоа сметам дека се должи на сработеното во изминатиот период, бидејќи граѓаните сето тоа го перцепираат и знаат да ценат и вреднуваат. Гази Баба бележи напредок секој ден, тоа е евидентно. Ги решаваме сите предизвици кои што ги имаат граѓаните.
Меѓутоа, ние имаме пред се демократски процес во рамки на партијата, којшто опфаќа граѓански анкети и сметам дека раководството на партијата и мислењето на граѓаните ќе бидат пресудни за тоа кој ќе биде градоначалник на Скопје. Меѓутоа, јасно е дека таму ни треба човек којшто има соодветен карактер и визија за работа, бидејќи кој и да биде таму го чека макотрпна работа…“.
![](https://fokus.mk/wp-content/uploads/2025/02/stefkovski-gazi-baba.jpg)
Бобан Стефковски
Исто така, подготвеност да влезе во битка за Град Скопје јавно изјави и актуелниот министер за локална самоуправа Златко Перински, кој кус период беше директор на скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“, се до судирот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска.
– Јавно ја искажав мојата амбиција за градоначалничкото место, но сепак, треба да му дадеме шанса на времето. Да видиме што ќе се случува во иднина, сепак, и околностите се важни во кои ќе се носи одлуката. Верувам дека предлогот кој ќе се даде од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, до извршните тела во рамки на партијата ќе биде најсодветното решение.
И секако сум убеден сум дека тој предлог, кој и да е, ќе биде идниот градоначалник на Скопје. Во моментов навистина уживам во она што го работам, се трудам да го дадам максимумот, а да оставиме да видиме каква ќе биде одлуката на партиските тела, па да видиме што ќе се случува – рече неодамна Перински.
![](https://fokus.mk/wp-content/uploads/2025/02/perinski.jpg)
Златко Перински
На крајот, во оваа конкуренција влегува и актуелниот директор на Јавното прептријатие за државни патишта, Коце Трајановски, кој беше градоначалник на Скопје во 2 мандати и влезе во трка за трет последователен мандат, но загуби од Петре Шилегов.
–Добро е што ВМРО-ДПМНЕ има повеќе аспиратори, повеќе кандидати за едно градоначалничко место. Тоа е добрата страна мислам дека, па нека се натпреваруваат, нека се докажуваат, нека ги оценува јавноста… Јас така би го оценил тоа и тука би застанал – рече Трајановски, одговарајќи на прашање дали има амбиција за нов мандат за градоначалник на главниот град?
Во однос на дополнително прашање дали би се кандидирал доколку анкетите го фаворизираат, тој додаде: „Тука би застанал. Не би сакал понатаму да дискутирам…Јас никогаш не сум покажал интерес јавно… Видете, анкетите се едно, а политиката на партијата е сосема друго…“.
![](https://fokus.mk/wp-content/uploads/2025/02/koce-trajanovski.jpg)
Коце Трајановски
Инаку, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред неколку дена изјави дека завршил процесот на номинирање на кандидати за градоначалници, па ќе започне процес на нивно анкетирање, така што тие официјално ќе се знаат во мај. Меѓутоа, според информации на „Фокус“ од извори од ВМРО-ДПМНЕ, веќе се спроведени одредени внатрепартиски анкети, каде најголем рејтинг имал Ѓорѓиевски, по кој следувале Трајановски, Стефковски и Перински.
ПОТЕНЦИЈАЛНИ КАНДИДАТИ НА СДСМ
Она што е интересно, на овие интерни анкети на ВМРО-ДПМНЕ се мерел и рејтингот на лица кои владејачката партија оценила дека може да истрчаат како кандидати за градоначалник на Скопје од редовите на опозицискиот СДСМ. Како што дознаваме, еден од нив е поранешниот градоначалник на Карпош и висок функционер на СДСМ Андреј Петров, кој имал највисок рејтинг во конкуренција на другите потенцијални кандидати на социјалдемократите.
![](https://fokus.mk/wp-content/uploads/2025/02/petrov.png)
Андреј Петров
Висок партиски функционер на СДСМ, пак, не информира дека Петров ќе биде ставен и на анкетите што тие ќе ги прават, заедно со други потенцијални кандидати. Меѓу нив е претседателот на Градската организација на СДСМ, Ѓорѓи Галетановски, кој периодов изјави дека дали тој ќе биде кандидат за скопски градоначалник ќе зависи од анкетите.
![](https://fokus.mk/wp-content/uploads/2025/02/galetanovski.jpg)
Ѓорѓи Галетановски
Неофицијално, во игра за кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ е уште еден висок функционер во новото партиско раководство. Станува збор за потпретседателката Каја Шукова, која за време на претходната влада на СДСМ и ДУИ беше министерка за животна средина и просторно планирање и државна секретарка во истото министерство.
![](https://fokus.mk/wp-content/uploads/2023/07/Sukova.png)
Каја Шукова
Сепак, според нашите информации, новото партиско раководство на чело со Венко Филипче на ум за градоначалничката трка во Скопје го има и Мишко Ралев, реномиран архитект и универзитетски професор. За потсетување, Ралев стана дел од Извршниот одбор на СДСМ кога на лидерската позиција дојде Димитар Ковачевски на местото на Зоран Заев, но набргу потоа поднесе оставка.
![](https://fokus.mk/wp-content/uploads/2025/02/ralev.jpg)
Мишко Ралев
Од СДСМ велат дека рејтингот на предложените кандидати ќе им биде проверен со анкети, така што цел процес се очекува да заврши до крајот на март, а веќе од април, како што истакнуваат, избраните кандидати да почнат да делуваат на терен во општините каде живеат. Додека од таму ја отфрлуваат можноста за коалицирање со опозициската ДУИ, од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН веќе најавија соработка за изборите за нова локална власт.
Влатко СТОЈАНОВСКИ