Владата ќе ја разгледа можноста да се обезбеди финансиска поддршка за работодавачите, преку Фондот за здравствено осигурување или преку нов пакет на економски мерки, за родителите на деца кои се запишани во училиште и се до 10-годишна возраст.
Овие вработени во моментот се ослободени од работа и работни активности преку користење на мерките донесени од страна на Владата и ќе продолжат да бидат ослободени од работа доколку нивните деца следат настава со физичко присуство, или пак, настава преку далечина (он-лајн), соопшти владината прес-служба.
Дополнително Владата ги задолжила министерствата за труд и социјална политика, за образование и наука и за информатичко општество и администрација, да ги разгледаат можностите да се предвиди и извршување на работа со скратено работно време или работа во смена за оваа категорија на лица кои во овој момент се ослободени од извршување на работа и работни активности со физичко присуство на работното место.