Во врска со информацијата за појавен случај на салмонела во Берово, а со цел да се спречи паника помеѓу населението и особено помеѓу родителите на децата, кои ја посетуваат детската градинка во Берово, градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски вечерва излезе со известување во кое информира дека за настанатата состојба е известен Центарот за јавно здравје од Кочани, земени се мостри по сите можни правила и прописи и во најкраток можен рок се очекуваат добиените резултати.
– Доколку се потврди присуството на бактерија салмонела, ќе бидат преземени сите можни пропишани мерки и секако ќе се побара одговорност, од директно надлежните. Одговорноста над процесите и институциите е она што го прави системот функционален и во служба на граѓаните. Сепак, пред одредени факти да бидат потврдени, непотребно е да се создава паника и да се влева страв, меѓу населението – рече Пекевски.
Тој напомена дека „дополнително, ќе бидат извршени и вонредни инспекциски надзори, во објектите кои се засегнати со конкретната состојба, со цел надзор над санитарно хигиенската и епидемиолошката состојба во објектите, и откривање на изворот на зараза“.