Имаме капацитет да се справиме со напливот на пациенти и има доволно слободни кревети за нивната интензивна нега, особено што од идната недела на голем дел ќе им заврши периодот од три недели и ќе почне да се испишуваат, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Во изјава за медиумите при денешниот престој во Прилеп, тој рече дека е точно оти има поголем број пациенти, посебно во болницата „8 Септември“ и на Инфективната клиника, како што рече, проблем со кој се соочуваме деновиве, и затоа почнала ротација на лекари и сестри од сите јавно-здравствени установи во државава.
– Во овие две клиники има сосема доволен број слободни кревети и пристап до респираторни машини. Предвидени се и други институции кои сега се слободни. Има слободни места и во Модуларната болница до Инфективната клиника, и во „8 Септември“ и во сите други болници каде има инфективни одделенија. Следната недела почнува циклусот на испишување пациенти зашто поминал периодот од три недели од почетокот на овој бран и нивното лекување веќе привршува. Така што, сметам дека тоа е голем предизвик кој засега добро го менаџираме, смета Филипче.
И за време на гласањето на изборите ќе има тимови здравствени работници, особено правото да го остварат пациентите, оние во смаоизолација и хроничните болни.
-Тоа што од нас го побара Државната изборна комисија е список на здравствени работници од целата држава, според општини, за на соодветен начин да се вклучат во изборниот процес, гласањето на луѓето кои се на домашно лекување, за тие кои се во самоизолација и за луѓето кои имаат хронични болести, рече Филипче.
Посочи дека викендов ќе се анализираат најавите за отворање на границите, без карантин, за што е важна регионалната соработка на здравствените системи.
-Тој принцип ќе се темели на тоа дека сите земји во регионов, вклучително и нашата, имаат ист, идентичен епидемиолошки ризик и иста епидемиолошка состојба. Ние видовме пораст на дијагностицирани пациенти нешто порано од останатите земји. Сега апсолутно сите земји во регионов се соочуваат со тоа. Врз основа на билатералните контакти со сите соседни земји, а врз основа на анализата на последните новодијагностицирани случаи, поврзаноста со кластерите и анализата на поединечните земји од регионов, во текот на овој викенд ќе донесеме одлука, рече Филипче.
Додаде и дека први во регионот сме изреагирале и почнавме со едно интензивно тестирање на огромен број контакти на претходно дијагностицираните заболени што, како што рече, ни овозможи за кратко време да ги ставиме во изолација. За проблемот со недавање податоци од луѓето што треба да бидат во изолација, министерот рече дека има механизми како да биде надминат.
Соопшти дека за овој проблем утрово се дискутирало на состанок на Комисијата за заразни болести и дека денеска или најдоцна утре јавно ќе бидат објавени имињата на луѓето кои не сакаат да ги примат решенијата за самоизолација, а станува збор за 450 такви решенија.