Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска потврди дека Украина може да смета на сета помош на Словачка во одбраната од Русија, освен на оружјето од резервите на Словачката армија.
„Се подготвува мојот телефонски разговор со премиерот на Украина за да видиме кои се нивните потреби пред зимата. Подготвени сме да испратиме генератори, да помогнеме во деминирањето. Подготвени сме да помогнеме хуманитарно и цивилно. Луѓето во Словачка први ги отворија своите прегратки за бегалците од Украина“, рече Фицо на конференцијата во Прага, каде што тој е денеска во посета.
Новоизбраниот словачки премиер потсети дека заеднички европски заклучок е дека испраќањето оружје во Украина е билатерална работа на секоја од земјите-членки.
„Јасно кажавме дека употребата на руска воена сила е кршење на меѓународното право. Тоа го кажуваме и ќе продолжиме да го кажуваме во иднина“, рече словачкиот премиер, но додаде дека врз основа на анализата на воените движења на фронтот, словачката влада дошла до заклучок дека нема воено решение за овој конфликт.
„Конфликтот е замрзнат и може да остане таков до 2029-2030 година. Мислиме дека е подобро да се преговара десет години во мир отколку да седнеме на маса кога ќе загинат уште 500.000 луѓе. Ја почитувам Чешка и која било друга земја во светот која сака да помогне со оружје ако мислат дека тоа функционира. Ние мислиме дека тоа не функционира“, рече Фицо.
Чешкиот премиер Фијала нагласи дека во случај на воена помош за Украина и санкции против Русија, за официјална Прага е важно словачкиот премиер и неговата влада да поддржат заедничка европска политика.
Роберт Фицо изјави дека санкциите против Русија очигледно не функционираат, но тој не ги оспори, туку рече дека словачката влада, порешително од претходната, само ќе побара да се направат идни студии за последиците од санкциите против Русија врз самите членки на Европската унија.
За ова Фицо доби поддршка од чешкиот премиер, кој потсети дека некои санкции не предизвикуваат проблеми, туку дека за некои членки, особено за централноевропските, проблем е зависноста од руските испораки на енергија.