Може помош за Украина но не од буџетот на ЕУ: „Ако не прифаќа Брисел, ќе го стопираме процесот“

by Fokus

Помошта за Украина во борбата против рускиот напад не треба да му наштети на буџетот на Европската унија, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Ако сакаме да и помогнеме на Украина, што мислам дека треба, тоа треба да го направиме на начин што нема да му наштети на буџетот на ЕУ. Но, однапред да се откажеме од четиригодишниот буџет на ЕУ во вредност од 50 милијарди евра е кршење на Суверенитетот на ЕУ и националните интереси. Не знаеме ни што ќе се случува во следниот квартал од годината“, рече Орбан.

Според унгарскиот премиер, финансиската помош за Украина треба да се одвои од буџетот на ЕУ. Тој додаде дека унгарскиот предлог за создавање на такви механизми се заснова на распределба на помошта врз основа на бруто националниот приход.

„Ако Брисел го прифати ова, тогаш ќе има помош за Украина, надвор од буџетот. Ако не, ќе ми биде жал што ќе го стопирам овој процес“, рече Орбан.

Унгарија се противи на намерата да се насочат 50 милијарди евра од буџетот на ЕУ за помош на Киев и обезбедување пари за други задачи, како што е борбата против илегалната миграција.

Лидерите на ЕУ ќе се состанат на 1 февруари на самит за да разговараат за ова прашање.

Поврзани новости