Семејството Лазаровски од Градиште, Општина Куманово, со пет малолетни деца, кое живее во исклучително лоши услови, добива месечна помош од околу 15.000 денари. Станува збор за средства за трето дете, за детски додаток и за средства за детето со попреченост. Ова за ,,Фокус” го открива Александра Арсовска, директорка на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Куманово.
Во телефонски разговор таа појаснува дека фамилијата чија тешка животна приказна деновиве ја слушна јавноста, откако беа објавени видео прилози од домот на Лазаровски, е позната на Центарот. Нивни вработени во повеќе наврати ги посетувале и им била понудена помош во законски рамки и можности.
-Министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски покрена постапка за да ова семејство добие стан на користење. Се надеваме дека нивниот проблем ќе биде решен, што се однесува од таа страна, околу обезбедувањето на достоинствени услови за живот, но јавноста мора да сфати дека овде се работи за низа на пропратни проблеми. Имено, во општината имаме огромен број на семејства кои живеат во екстремно лоши услови. Факт е дека едноставно не можеме да пристигнеме често да ги посетуваме сите тие семејства и да им се пружи константна асистенција, но секаде каде се алармира на проблем, нашите служби веднаш излегуваат на терен.
Би било добро кога би можело да им се понуди асистенција, советување, чести посети од нашите работници, со цел родителите да бидат на некој начин усмерени во секојдневието, во интерес најдобра грижа за децата, но неизводливо е да се прават тие посети дури и еднаш месечно. Имаме само две службени возила на располагање, фали кадар, голем е бројот на семејства од социјален ризик. Друг проблем е тоа што голем број од родителите одбиваат работа. Имаат разни изговори, дека нема кој да им ги чува децата и слично, и ние на некој начин остануваме со врзани раце – вели Арсовска.
Потсетува дека обврска на училиштата е да алармираат доколу забележат промени кај некое дете, да пријават ако има запоставување, злоставување и слично.
Конкретно, за семејството Лазаровски немало таква пријава, иако на очиглед на целата јавност, од објавениот видео прилог можеше да се види дека едно од децата оди на училиште со искината облека. Исто така, и самите деца пред камера раскажуваа дека се страдни за храна.
-Црвениот крст често го посетува ова, но и голем број на други семејства во слична ситуација, тие исто алармираат доколку има некакви негативни промени за кои треба да се ангажираат нашите служби. Но, факт е дека во многу случаи станува збор за работоспособни родители кои едноставно така функционираат. Конкретно, и таткото на ова семејство има одбиено понудена работа, и ние како Центар за социјална работа можеме да им помогнеме единствено во законски рамки, односно околу она кое е во наша надлежност – вели директорката.
Потсетува дека не е во надлежност на Центарот да обезбеди социјални станови за овие семејства, и едноставно не било изводливо илјадници фамилии во социјален ризик кои бараат достоинствен кров над глава, да добијат државни станови на користење.
Таткото на петте деца, Добре Лазаровски пак, вчера во телефонски разговор за „Фокус“ кажа дека живеат заборавени од институциите, и дека никој не ги посетува. Добиле пакети со храна од хумани граѓани и од Црвениот крст, но потенцираше дека им е потребно трајно решение, кров над глава каде неговите деца ќе можат да имаат достоинствени услови за живот, посебно сега, во пресрет на зимата. Арсовска вели дека се неточни неговите тврдења дека не се посетувани од социјалните работници, бидејќи Центарот бил добро запознат со нивната состојба, за која се надева дека ќе биде решена по најавите дека е покрената постапка да добијат социјален стан.
Сепак, се наметнува прашањето, дали со решавање на станбениот проблем, ова семејство ќе успее да си го среди животот.
Дали родителите ќе можат да се грижат за своите деца, без редовна асистенција, советување, поддршка и надзор од стручни служби? Недостигот од стручни кадри кои би вршеле редовен надзор и би пружале асистенција во овој, но и кај илјадници слични случаи во земјава, останува проблем кој се провлекува низ годините, а јавноста сведочи на трогателни приказни, кога се бараат донации и помош од хуманите граѓани. Најголеми жртви од овие системски пропусти секогаш се децата, конкретно во случајот Лазаровски, пет деца кои уште од раѓање ја почувствувале суровоста на животот.
Вики Клинчарова