Видео интервју со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, направено при негово гостување на „Макфакс“ повторно е актуелно деновиве, како потсетник на неговите тврдења дека концептот за Модерно Скопје најмногу зависи од советниците на неговата партија, кои се мнозинство во Советот, а не од актуелната градоначалничка Данела Арсовска.
-Доаѓаме сега за тоа што го зборувам цело време, а тоа е концептот за Модерно Скопје. Не зависи тој концепт сега во моментот само од Данела, туку зависи и од политичките партии кои се дел од Советот каде што мнозинство има ВМРО-ДПМНЕ.
Ако ние застанеме цврсто позади тој концепт, дури можам да кажам дека ништо нема да зависи од Данела. Туку, ќе си донесе Советот одлука, буџетот ќе си го направи таков како што треба, односно за реализација…на таа карта ќе играте сега? Нормално дека ќе играме на таа карта, тоа сме го ветиле пред граѓаните – уверуваше Мицкоски.
Кога се кандидираше за градоначалничка, Арсовска на граѓаните во предизборната кампања им ветуваше дека сака да се постигне во градот ред и систем кој досега го немало.
-Бесплатен јавен автобуски превоз, 250 нови еколошки автобуси, пет нови булевари, пет мега паркови, 25% поевтини паркинзи, гасификација на Скопје, најдобар луна парк на Балканот, ревидирање и прилагодување на проценката за данок на имот се дел од ветувањата од предизборната кампања на Арсовска – „Програма за модерно Скопје“.
Сепак, по нејзиното стапување на функција, граѓаните за првпат посведочија на колапс на јавниот превоз кога минатата есен Скопје остана без јавен превоз.
Често менување на директори, несобирање на ѓубре од контејнерите, штрајкови на вработени во јавни претпријатија, но и нејзиното јавно обвинување за директор фатен ,,со рачето во медот” по што „се скина тапанот“ со Мицкоски, е она кое одбележа значителен дел од градоначалничкиот мандат на Арсовска.
-Како до вчера бев најдобар градоначалник на Скопје, а откако ви го фатив директорчето со рачето во медот сега од еднаш не чинам? Каде е шпицниот градоначалник, не го гледам тука? Кај се крие Мицкоски? Во ВМРО-ДПМНЕ има многу чесни, вредни, храбри луѓе. Мицкоски, за жал, не е еден од тие-беше нејзиното обраќање минатата година на Седница на Советот на Град Скопје, а видеото стана доста популарно и се вртеше по социјални мрежи и се објави во речиси сите медиуми.
Потоа следеше и изјавата на Мицкоски дека жали што направил погрешна проценка за карактерот на личноста која ја поддржал денес да биде градоначалник на Скопје.
Со изгубената поддршка од ВМРО- опозицијата која застана зад неа за време на локалните избори, на кои победи како независен кандидат, се наметнува прашањето дали и колку концептот за Модерно Скопје може да зависи од политичките партии, каде мнозинството го има ВМРО, а не од Арсовска, како што уверуваше Мицкоски.
Вики Клинчарова