Може да има и 3.000 случаи дневно, анализира професорот Трајковски

Прелиминарно можеме да го очекуваме врвот на заразување со новиот сој кон крајот на јануари или почетокот на февруари, вели тој.

by fokus

Врвот на најновиот бран на заразување со новиот сој на корона вирус наречен Омикрон, кој станува доминантен и во земјава и во светот, може да се очекува на крајот на јануари или почетокот на февруари, а може да има и преку 3.000 нови случаи на ден, анализира за „Фокус“ универзитетскиот професор, Дејан Трајковски.

Сепак, тој вели дека ова се само прелиминарни очекувања, бидејќи се уште е рано да се зборува за врвот на почетокот на бранот кога репродукцискиот број Rt се уште расте.

-Дури откако тој ќе го достигне максимумот, што е можно за 7-10 дена, растот на дневните броеви ќе подзабави и ќе може да се прогнозира времето и висината на врвот.

 

Засега ни преостанува да правиме споредби со земјите каде бранот е во поодмината фаза, па прелиминарно можеме да го очекуваме врвот кон крајот на јануари или почетокот на февруари.

 

Но, тоа нема да биде крајот, затоа што вкупниот бројот на случаи, иако дневните броеви ќе бидат во намалување, ќе продолжи кумулативно да се зголемува се до пролетта, анализира Трајковски.

РЕКОРД ВО ТЕСТИРАЊА

Вчера беше забележан нов рекорд во бројот на тестирањата,  па Трајковски вели дека ако тестирањето држи чекор со новите инфекции се до врвот на бранот, при стапка на позитивни тестови од 30%-40% лесно би можеле да видиме и преку 3000 нови случаи на ден.

Според најновите пресметки на корејските научници, објаснува Трајковски, серискиот интервал на Омикрон сојот изнесва само околу 2,2 дена, што е пократко отколку кај досегашните соеви.

Серискиот интервал инаку покажува колкав е просечниот временски интервал од покажување симптоми кај заразувачот и покажувањето симптоми кај заразениот. Истовремено, тој покажува колку брзо заразениот започнува да заразува други луѓе.

-Со овој најнов податок, пресметките покажуваат дека ефективниот репродукциски број Rt на Омикрон сојот кај нас е сличен како и кај претходните соеви (моментално изнесува околу 1,65), меѓутоа проблемот е што новозаразените многу бргу, просечно после само 2,2 дена се во состојба да заразуваат други луѓе, па оттука доаѓаат високите дневни фактори на растот од околу 1,15.

 

Ова значи дека дневните броеви на нови случај во просек се зголемуваат за околу 15% дневно, а се дуплираат за само 5 дена, вели Трајковски.

НИТУ ПРЕЛЕЖАНИТЕ, НИТУ ВАКЦИНИРАНИТЕ НЕ СЕ ИМУНИ

Според најновите пресметки што ги следи Трајковски, инциденцата новозаразување кај прележаните започна многу бргу да расте, а со тоа ефективноста на прележувањето против заразување нагло да опаѓа, што значи дека ниту прележаните, ниту вакцинираните со две дози не се заштитени од овој сој.

-Ќе го следиме ова намалување на заштитата од прележувањето, но намалувањето кажува дека сите ние, вклучувајќи ги и прележаните и вакцинираните со две дози сме потенцијално чувствителни за заразување со новиот Омикрон сој, доколку не водиме сметка за превентивните, а уште подобро и рестриктивните мерки.

 

Иако Омикрон сојот има пониска стапка на леталитет, многубројните инфекции, изолации и боледувања можат сериозно да го нарушат работниот процес, иако не се очекува голем притисок врз болниците, вели тој.

ПОКРАТКО ВРЕМЕ ВО БОЛНИЦА

Добрата вест во овој нов бран е тоа што што стапката на хоспитализираност постојано се намалува, а се намалува и просечното време на престој во болниците.

– Истата моментално изнесува околу 4%, со тенденција на понатамошно намалување, веројатно до 2%. Исто така, просечното време на хоспитализација од Омикрон сојот изнесува се на се 3-5 дена, што е повеќе од двојно пократко отколку кај досегашните соеви.

 

Пократкото време на хоспитализација значи и побрзо испишување на болните од болниците, поради што не би требало во ниту еден момент, околу врвот на бранот, да го достигнеме граничниот капацитет на нашите болници од околу 1.800 хоспитализирани, а најверојатно нема да достигнеме ни 1.000, додава Трајковски.

Заклучокот дека Омикрон сојот не е толку смртоносен како претходните соеви, иако графиконите тоа го покажуваат, Трајковски им го остава на лекарите, сепак предупредува дека тоа не значи дека овој сој не остава последици по здравјето.

Инаку, професорот Дејан Трајковски работи на Техничкиот факултет во Битола како редовен професор по група предмети од областа на теориската и применетата механика на круто и деформабилно тело. Специјалност му се аналитичките и нумеричките методи во компјутерската механика, мехатрониката и роботиката.

Својата специјалност професорот ја користи во креирање на статистики за епидемијата со Ковид-19 којашто го тресе светот.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости