Можат ли социјалистичките професори да предаваат капитализам?

by Фокус

Текстот е објавен на 23 јануари 2009 во неделникот „Фокус“ број 708

Пишувал
Сем ВАКНИН

Држете го здивот до крајот на овој текст. Одговорот на прашањата „дали капитализмот може да се научи и дали социјалистичките професори можат да предаваат капитализам“ е – НЕ! Капитализмот не може ниту да се „научи“, ниту да се „увезе“, ниту пак да се „симулира“. Капитализмот (или, подобро речено либерализмот) не е само теоретска конструкција. Тој не е само предмет на знаење. Се работи за филозофија, идеологија, за начин на живот, менталитет и персоналитет.

Токму затоа професорите по економија кои студирале во времето на социјализмот никогаш не можат да предаваат капитализам во вистинска смисла на зборот. Без оглед на тоа колку се интелигентни и колку знаење имаат (а малкумина од нив се такви), тие никогаш не можат да ги пренесат искуството, практиката, инстинктите и рефлексите, емоционалните нијанси и интелектуалното фајтерство кое го подразбира вистинскиот, полнокрвен капитализам.

ВАШИНГТОН ЈА ЗАМЕНИ МОСКВА

Социјалистичките професори се интелектуално и емоционално кастрирани во социјалистичкото минато зашто биле соучесници во создавањето неефикасност, во корупцијата и патолошкото економско мислење.

Затоа работниците и менаџерите наследени од социјалистичкиот – комунистичкиот период, во капиталистички амбиент никогаш не можат да функционираат како што треба. И едните и другите се обучени за граѓанска непослушност преку ограбувањето на сопствената држава и фабриките. И едните и другите растеле со државни подароци и корупција, маскирани како права што божем им следуваат. И едните и другите се сомневале и им завидувале на своите сопствени елити (особено на политичарите и професорите – пријатели). И едните и другите биле жртви на потиснатиот бес и отворената, беспомошна и деградирачка зависност. Ваквите работници и менаџери, без оглед на тоа колку добри намери имаат и колку добро се квалификувани или оспособени, ги саботираат напорите од кои зависи нивната егзистенција.

Кога започна транзициониот период на посткомунистичката економија, академците, новинарите и политичарите на Запад зборуваа за „потисната енергија“ на масите, која сега треба да биде ослободена преку двата процеси на приватизација и демократизација. Оваа метафора за луѓето како капиталистички наполнети батерии кои чекаат да ја ослободат сопствената складирана енергија во своите земји, беше доволно реалистична. Луѓето навистина беа наполнети со патолошка завист, со бес, со садизам, со малодушност, со нагон за саботажа и за крадење. Цунами од деструкција, плима од криминал, оргија од корупција, непотизам и кронизам ги збриша несреќните територии на Централна и Источна Европа. Транзицијата многумина ја сметаа за ново средство за одмазда кон минатото или за истурање на гневот на масите врз главите на елитите, односно како уште еден, забрзан начин на соголување на имотот на државата. Конечно, превладеа последната тенденција. Старите елити го искористија покритието на транзицијата да се збогатат себе си и своите пријатели, овојпат „транспарентно“ и „легално“. Резултатот беше одвратна малигна метастаза на капитализам, без либерални идеали и практики, соголена од етика, што лебди во простор во кој нема функционални доверливи институции.

Додека масите и нивните елити во Централна и Источна Европа беа зафатени со чистење на улиците, Запад влезе во импотентна дебата меѓу школата на т.н. шок терапија и онаа на „градителите на институциите“. Првите веруваа дека појавите ќе креираат реалност и дека реалноста ќе ја промени свеста (мене ми звучи на марксизам). Брзата приватизација ќе генерира класа на инстантни капиталисти кои потоа ќе ја најават ерата на вистинскиот, мултидимензионален либерализам. Вторите, пак, веруваа дека доброто вино на капитализмот може да биде налеано само во функционалните садови на либерализмот. Тие се залагаа за многу подолг транзиционен период во кој приватизацијата ќе следува само откако ќе бидат создадени соодветни институции. И двете школи го величеа централното планирање. Воедно, ММФ-измот го замени комунизмот. Меѓународните финансиски институции и нивните орди на добро платени и добро распоредени експерти, го заменија Централниот комитет на Партијата. Вашингтон ја замени Москва. Сето ова беше толку познато и толку удобно.

Поранешните комунистички елити конвертираа во жестоки поддржувачи на капитализмот. Со жестокоста со која ги рецитираа марксистичките слогани во минатото, тие ги пееја рефрените на капитализмот во сегашноста. Тоа беше катехизам, изјавуван бездушно, на туѓ јазик, во мермерните катедрали на капитализмот во Лондон и Вашингтон. Зад него стоеше предаденост или убедување, извалкано со организиран криминал и тотална корупција. Запад беше новиот режим кој требаше да биде опљачкан, исцицан и исцеден. Шемата беше едноставна: мумлај ги мантрите на Запад, воспостави потемкинови институции, чувај го мирот и поредокот во својот агол од светот, дај му на Запад стратегиски пристап до твојата територија! За возврат, Запад ќе замижи пред најлошите престапи, а ќе замижи дури и на полоши нешта од престапите. Ова беше договор направен во Русија со „реформистите“, во Југославија со „миротворецот“ Милошевиќ, во Чешката Република со „економскиот маѓепсник“ на Централна Европа, Клаус. Тоа беше повторно еден вид комунизам, суперсила која си го купува своето влијание во соработка и заговор со корумпираните елити – да го ограбат своето сопствено национално богатство.

А можеше да биде поинаку.

Повоена Јапонија и Германија се два примери на вистинска реконструкција и реформи. Демократијата фати вистински корен во овие два поранешни воени режими. Економскиот просперитет стана долговечен затоа што заживеа демократијата. Беше унапредена и секогаш слабата, но значајна доверба меѓу граѓаните и нивните водачи, како и меѓу нив самите.

Проблемите на најголемиот број земји во транзиција, во голема мера се грешка на нивните елити. Се претпоставува дека нивната задача е да обезбедат насока и водство, односно дека тоа е причината зошто општеството инвестира во нив. Но елитите во сите земји во транзиција, извалкани во долгите години соучесништво во криминал, никогаш не го практикувале моралниот или интелектуален авторитет врз својот народ. Со ризик да звучам нарцисоидно, дозволете ми да се цитирам (од текстот „Поетите и Еклипсата“). Заменете ги само „Балканските интелектуалци“ со „интелектуалците од земјите во транзиција“:

САМРАК НА ИНТЕЛЕКТУАЛЦИТЕ

Балканските интелектуалци се зло без маска, тие се подло присуство, тие се кобни, чудни и корумпирани. Понекогаш, тие се присутни во сржта на сите конфликти и пустошот, друг пат (за време на етничкото чистење или потиснувањето на медиумите) се очебијно отсутни. Тие се камелеони со многубројни маскирања и постојано променлива лојалност. Тие не остваруваат умерено влијание, туку напротив, радикализираат, драматизираат, трујат и поттикнуваат. Интелектуалците се забележливи меѓу сите националистички партии на Балканот и ретки се меѓу малкуте центристички партии кои неодамна изникнаа од пепелот на комунизмот. Тие не го пренесуваат малото, застарено знаење кое го поседуваат. Попрво го чуваат, онака како што еснафот би го правел тоа, љубоморно. Со вообразеност, суета типична за несигурните, интелектуалците го одрекуваат сето странско знаење.

Тие ретко говорат втор јазик доволно за да можат да читаат на него. Тие го промовираат својот бренд на дипломирано незнаење со религиозна жар и со жестокост и немилосрдност ги казнуваат сите престапници. Тие се главните пречки за трансфер на технологија, за унапредување на знаењето во својот несреќен регион. Нивните инстинкти на самозачувување, конзервирање, одат наспроти најдобрите интереси на нивниот народ.

Неспособни да едуцираат и да предаваат, тие ги проституираат своите услуги, продавајќи дипломи или корумпирајќи се себе си во политиката. Интелектуалците сочинуваат голем дел од посткомунистичката номенклатура, онака како што беа дел од комунистичката. Резултатот е – економски студенти кои никогаш не чуле за Милтон Фридман или Кенет Ароу или студенти по медицина кои за да дипломираат им нудат секс или пари (или и двете заедно) на своите професори.

Затоа, наместо залагање и промовирање на слободата и либерализацијата, тие се концентрираат на механизмите на контрола, на манипулирање на исцрпените полуги на моќта. Тие се нечесни брокери на корумпираните политичари и нивните бизнис пријатели. Тие се жестоко вклучени, често пати се и иницијатори, на репресија, на потиснување, особено на умот и на духот. Црните врани на национализмот се сместиле врз нивните опседнати кули од слонова коска.

Интелектуалците на Балканот доживеаја мизерен неуспех. Преплашени од глетките и звуците на нивната загрозена територија, тие подлегнаа на опскурното, а наместо кон прагматичното, се свртеа кон носталгијата, кон апстрактното и фантастичното. Овој избор се забележува дури и во нивниот говор. Обложен со вековна немилосрдна доминација од надвор, говорот им е без никакво значење. Никој не може да разбере што сака да каже Балканецот. Синтаксата и граматиката што тој ги употребува се силувани до неможност за разбирање. Доминира бегањето од суштината, богатството на опскурни вербални покритија, свртувања и скокови кои ја кријат празнотијата на исказот.

Балканските интелектуалци повеќе ја избираат нарцистичката самоапсорпција и внурнатоста во себе, отколку друга ориентација. Наместо да бараат интеграција (не асимилација), тие проповедаат и практикуваат изолација. Тие имаат за цел себе си да се разликуваат, но не на плуралистички, бенигнен начин, туку на зол, бесен, инаетлив начин. Да се дефинираат себеси ПРОТИВ сите други, наместо да се споредуваат и да учат од споредбите.

Нивната љубовна афера со измешаното минато, нивната фобија од иднината, културниот шок што се случува, сето тоа е природна последица од премисите на нивната неутешна особеност. Сите балкански интелектуалци се параноиди. Загребете по површината на тенкиот машносан слој од култура, и ќе пронајдете атавистички поет, кој се бори против вистинското зло сковано од него самиот и од неговите дела. Ова е грчката трагедија на овој прекрасен регион. Природата тука е попаметна од луѓето. Токму нивниот заговор е она што пред се доведува до работите против кои тие склучуваат заговор.

Во целиот свет интелектуалците се авангарда, петта колона на новите идеи, движење на отпорот против окупацијата на старото и баналното. Овде интелектуалците проповедаат конформизам, правејќи го тоа на стариот, докажан начин – протекционизам против размената на либералните умови. Сите овдешни интелектуалци, хранети од долгата рака на државата, се колаборационисти.

Навистина, за сите одвратни режими, со малку исклучоци, интелектуалците се смоквин лист за покривање. Сите режими на Балканот не се одвратни, но принципот е ист, само цената варира. Проституирајќи ја својата особена позиција во полу-писмените, селско-племенски општества, интелектуалците на Балканот се продаваат на големо. Тие се инертна сила, наместо да бидат ударна сила на реформите. Инволвирани се во погрешна политика која е осудена на пропаст. Балканот ќе беше подобар ако тие решеа да останат на дистанца, осамени во својот архипелаг на универзитетите.

Нема вистински оган во балканските интелектуалци. О, да, тие се возбудуваат и почнуваат да врескаат, поцрвенуваат во образите и енергично мафтаат со своите раце. Но тие се празни. Тие се всушност под полн гас, но во лер. Никаде не стигаат, затоа што никаде не одат. Рационални се и конзервативни, а некои од нив се емотивни и „левоориентирани“. Но сето тоа е рамнодушно и безживотно, како ритамот на многу стар механизам, кој бил покренат пред 80 години и никогаш вистински ставен во функција.

Целиот тој ден на еклипса од последниот милениум, дури и интелектуалците останале во своите ќелии, во своите канцеларии и не се осмелиле да излезат надвор. Излегле кога паднала ноќта, прилагодени на мракот, неспособни да се спротивставаат на својата сопствена еклипса, криејќи се од злосторничкото влијание на сонцето кое повторно се појави.’

ОТПОР ЗА УЧЕЊЕ

„Невозможно е човек да го научи она што мисли дека веќе го знае“ – Епиктет

Жителите на Балканот имаат отпор кон учењето. Тие го одбиваат новото модерно знаење не затоа што се традиционалисти, туку затоа што се кукавици и прагматици.

Прво, за кукавиците:

Во параноичен и нереален пејзаж на поранешниот советски блок, да се признае незнаењето значеше јавно да се признае недостаток, лична фалинка и маана. Тоа значеше да им дадеш оружје на непријателите. Не беше само нарцистичка повреда (што всушност е), туку гарантирано професионално самоубиство.

Затоа, во интерес на самозаштитата, многу е попрепорачливо да се измислуваат „факти“ отколку да се трага по нив; да се претендира дека се поседува образование, отколку да се бара образование; да се изигрува ерудиција, отколку да се здобива. Лошо информираните професори ги пренесуваат своите полу-печени сознанија, поими и бесмислени „теории“ од една силувана генерација на друга, во голем заговор помогнат од недостиг на пристап до странски текстови и странски експерти.

Несигурноста негувана со незнаење води до конформизам и ригиден „конзерватизам“. Да се конформираш со правилата и стандардите е стратегија за преживување. Да не брануваш, да не го нишаш бродот, е религиозен принцип, груба размена на Лудисти што се противат на новите технологии, надри-научници и теоретичари конспиролози кои се единствената форма на „високо образование“.

Неизбежно, како чисто одбранбен став, во сите овие географски простори се појави монопол на „учење“. Вистинското знаење, зададено од страна на автентични (вообичаено западни) експерти се заканува да го распадне овој безбожен картел, да им парира на стечените права што ги отелотворува и да го разниша вештачкото знаење врз кое се потпира. Оттаму жестокиот отпор на какво било надворешно вмешување. Провинцијализмот и опскурното се кренати на ниво на идеологија.

Нема ни самоникнато движење од умовите кое чезнее за интелектуален наук и взаемно оплодување. Образованието е потфат што прави загуба. Во овие региони не се наградува формалната обука. Непотизмот и кронизмот се врховна сила. Нечие напредување, изгледите за иднината и кариерата зависат од врските или од семејното потекло. Нечии вредности се на сила дисквалификувани за да се оценува нечиј прогрес и постигнувања, зашто едукацијата е од истите продавачи на магла, кои овде минуваат за „професори“. Навистина, зошто да се мачиме со учебници и испити кога социјалната мрежа побрзо и многу посигурно ви обезбедува места.

 

Поврзани новости