Можам да се замислам во улогата на Проески, веќе имав филмска улога, а Тоше ми е познат и близок како лик, вели уметникот Александар Поповски

by fokus

Името на ликовниот уметник Александар Поповски (32) од Битола деновиве се најде помеѓу предлозите кои дел од јавноста ги посочува како кандидати кои би можеле да го играат ликот на легендарниот Тоше Проески, во играниот филм кој ќе се снима во чест на неговиот живот и дело.

Веста дека граѓани го предложиле да се најде во улогата на Проески поради физичката сличност, отпрвин била големо изненадување за Александар. Но потоа, кога подобро размислил за јавниот предлог, сфатил дека би можел да се замисли себе во улогата на Тоше, бидејќи веќе имал актерско искуство зад себе, а исто така, долго го проучувал ликот на Проески, во чија чест имал направено неколку ликовни изложби.

-Предлогот за улогата и самото дело и ликот на Тоше, морам да признаам и пак ќе речам е изненадување за мене и покрај тоа што долги години не само тоа што имам правено изложби во чест на нашиот Тоше, ами исто така имам посветено посебно внимание на она кое тој го претставуваше, не само како артист, но и како човек кој преку пеењето пренесуваше една подлабока порака на љубов, радост, верба и сето она кое го правеше баш тоа што тој вистински беше.
Изложбите што ги имав направено во негова чест ми отворија една можност да се запознаам и со неговите родители и блиски, и подлабоко да осознаам некои карактеристики за него самиот и да го запознаам посуштински. Особено сум среќен што се створија убави пријателства со блиските на Тоше и благодарен сум што го ценат моето творештво и сите слики со Тоше ги радуваат и служат за потсетување и спомен за него, вели Поповски.

Додава дека самиот факт што бил предложен за улогата на Тоше, поради физичка сличност, многу го радувало, но истовремено и го мотивирало да наликува на него најмногу во однос на неговиот карактер.

-За карактерот на Тоше, сите знаеме дека тој беше исполнет со голема емпатија, разбирање, милост, љубов и многу позитивна енергија. Со еден збор, човек за пример во секоја смисла. Од страна на глума и како гледам на тоа, јас имам учествувано во еден голем проект, во филмот за Кемал Ататурк, а мојата улога беше еден од офицерите на Ататурк. Сакам да кажам дека сум го искусил тој момент на камери, на спремање, на влегување во улогата на карактерот и така натаму. Искрено сметам дека можам да го направам тоа и во овој случај, уште повеќе бидејќи Тоше ми е многу попознат и поблизок како лик.

Јас поминав долг период во истражување на него самиот, од причина што кога сликам некој лик морам темелно да го истражам неговиот живот и да влезам во неговиот карактер за она што ќе го насликам на платно да не биде само слика, туку лик кој е оживотворен и истата таа слика ќе ја има неговата вистинска емоција.

Убаво е што ете, дојде момент да се сними филм за, ќе речам со сигурност, најнеобичниот човек во нашата држава и се надевам дека во филмот ќе бидат претставени сите битни карактеристики и елементи, и од страна на неговата кариера, но и на неговиот личен живот, се разбира во границите на она што треба луѓето да го дознаат и да го запознаат.
Уште повеќе пак, да видат дека Тоше не беше само пејач, туку човек со мисија, мисија која за цел имаше ширење на она што е убаво, верата, надежта и љубовта.
Ме радува самото тоа што сум предложен, благодарен сум за понудата, и кој и да биде избран, самиот факт што ќе се снима филм за Тоше Проески е една голема радост за сите нас, порача Поповски.

Проектот кој се состои од снимање на игран филм, документарец и ТВ серија за животот на Тоше ќе се снимал во наредните две години, и носител на истиот е МРТ. Засега не се откриваат повеќе детали, а од јавноста, покрај името на Поповски, секојдневно доаѓаат и нови предлози за тоа кој би можел да го игра Проески.
Помеѓу предлозите се најдоа и поп пејачот Лозано, пејачот Андреј Дориќ од Нови Сад, пејачот Давид Темелков, актерот Александар Ристоски и други.

Вики Клинарова

Поврзани новости