Мозаичар од Велес изработи портрет на кралицата од Данска од чипови од картички за мобилен

by Fokus

Најстарите мозаици во боја, изработени од глинени топчиња се пронајдени во Вавилон и потекнуваат од 4 век пред нашата ера. Мозаици во боја изработувале и античките Грци, додека старите Римјани се изразувале преку подните мозаици.

2400 години подоцна, во денешно модерно време, велешкиот уметник Димче Манев во Данска го изработил првиот мозаик од 8.000 чипови од телефонски картички.

Благодарение на тие картички, Димче Манев станува врвен мајстор на мозаикот и еден од најдобрите уметници на ова древно декорирање. Прво во Данска каде што ги научил тајните на занаетот и станал пријател со данската кралица Маргарет, а потоа и во Англија, каде што сега живее и твори.

Неодамна, Манев учествуваше во реставрацијата на еден од најголемите скандинавски мозаици кој се наоѓа во заоблениот уличен премин под кулата на Кралскиот театар во Копенхаген. Изработен од 3 милиони стаклени мозаични плочки добиени од венецијанските фабрики, овој експанзивен мозаик, еден од најголемите во Скандинавија, беше создаден од данскиот уметник Ејнар Нилсен во 1930-тите и преку него им се оддава почит на можеби најголемите дански писатели, уметници и научници како Ханс Кристијан Андерсен, Карл Нилсен, Нилс Бор…

Портрет од чипови за кралицата Маргарет Втора

Патешествието кон Копенхаген и пронаоѓањето со италијанските врвни уметници на мозаик е вистинска филмска приказна која Димче Манев се обиде да ја раскаже во кратка верзија.

– Во средина на 90-те со еден пријател отидовме на одмор во Романија. Бевме сместени до семејство од Данска со кое создадовме пријателство. Данците не поканија со нив во Данска, но немавме визи, раскажува Димче.

По неколку месеци, Данците им испратиле гарантни писма и заминале во Копенхаген.

– Престојував таму како ученик. Се сеќавам, имавме тема за култура, традиции, религии. Имаше многу бегалци од БиХ во тоа време и луѓето трошеа големи количини картици за телефонски говорници. Ги собрав сите картици и со чиповите го изработив првиот мозаик. Го однесов на училиште и им реков дека ова е македонска традиција, вели Димче Манев.

Неговиот наставник бил импресиониран од делото и повикал неколку медиуми за да фотографираат, а се јавил и во данската национална телевизија која направила прилог за тоа.

Димче добил нови 8.000 потрошени картички за телефон и од нив изработил неколку икони. Иконите го импресионирале директорот на средното уметничко училиште и Манев добил понуда да остане таму и работејќи да си го плаќа сместувањето.

– Се случи изложба по повод еден век од основањето на телекомуникациите и јас учествував на изложбата со моите мозаици. Во меѓувреме во мојата соба во училишниот кампус правев и портрет на кралицата Маргарет Втора од картици по повод нејзиниот 60-ти роденден, вели Манев.

На првиот ден од отворањето на изложбата му стигнало писмо дека не може повеќе да остане во Данска.

–  Напишав писмо до кабинетот на кралицата и за три дена таа ми одговори дека мојот случај повторно ќе се разгледува. После изложбата ми дојде писмо дека сум добредојден во палатата за да и ја подарам сликата од неа.

По моето запознавање со неа, кралицата  Маргрет испрати писмо до Министерството за внатрешни работи кое ми го разгледа мојот случај и ми одговори дека ако си најдам работа на струката, тогаш можам да останам – раскажа Манев за своето необично пријателство со кралицата Маргрет Втора.

Тајните на занаетот кај италијански мајстори

Возејќи велосипед низ Копенгахен, Манев седнал случајно да одмори и да јаде наспроти Галерија за икони која му припаѓала на италијанско семејство.

– 70-годишниот мајстор беше типичен Италијанец. Ме однесе во театарот за да ги видам мозаиците со познати дански личности кои ги правел неговиот дедо. Во неговото семејство ова го работеле пет генерации, тие дури имаат школа за мозаици во северна Италија, се присети Манев.

 

Мајсторот му дал шанса да проба, му дал чекан во рацете и му рекол дека сака да го види како крши мозаик.

– Никогаш не сум кршел, но го фатив чеканот како цел живот да сум работел. Од него го научив мозаикот. Неговите дедо и прадедо биле толку добри што поради мозаикот данскиот крал ги пофалил пред рускиот крал Петар кој пак ги ангажирал да ги направат подовите на руската црква и на музејот, истакна Манев.

После Данска, Манев со семејството се преселил во Англија каде што си направил работилница во дворот и почнал да се пробива на пазарот кој бил малку поразличен и покомерцијален од данскиот.

Мајстор Манев работи со секаков вид материјал, но најмногу му лежат камчињата и венецијанското стакло.

– Слика како иконата со картичките може да се изработи за еден месец. Со венецијанско стакло полесно се работи, полесно се крши и има над 90 нијанси што го користат сите уметници за сите мозаици. И Музејот на АСНОМ е правен со венецијанско стакло или смалдо.

Убав е каменот, но треба да го најдеш. Боите ги има во изобилство во земји како Јордан и Сирија, но тие не го продаваат каменот, открива Манев.

Мозаикот го бараат оние кои ја ценат римската уметност

Манев вели дека најчесто клиенти му се луѓе кои ја ценат римската уметност, пред се архитекти, уметници, новинари и „новопечени богаташи кои не знаат што е мозаик, но сакаат да го имаат дома“.

Потрошувачите му барале многу мозаици за божиќните празници, посебно икони или ликови од историјата кои требало да бидат изработени од кобалт, цигли, златно смалдо… Дел од мозаиците на Димче стојат на рецепција на хотелите во Ричмонд, Лондон.

– Еден човек како млад слушал многу плочи. Ми донесе гума од автомобил за да изгледа како грамофонска плоча и му направив маса за пиење пиво. Изработив слика од артичка мечка која ми ја порача една жена за својот сопруг за роденден. Некои сакаат портрет од Ван Гог да го имаат како мозаик. Еден клиент ми побара жена во носија од Јамајка да му стои на ѕидот во бањата, откри велешкиот уметник кој сам си го изработува материјалот без разлика дали е од мермер или кобалт.

Секој отворен мозаик мора да биде покриен со слама за да се заштити. Ако е во земјата нема проблем, оти не замрзнува и му држи константна температура. Материјалот во старите мозаици нема цементо туку само вар и песок. Затоа подлоготата морало да се заштитува со двомесечен процес на навлажнување и стврднување на варта со песокот.

– После тоа се полирал со гранитни коцки, се полирало со гипс како кристал и на крај кристална сол коцки со кои се добивал перфектен сјај. И овие мозаици кај нас што се стари биле рачно полирани. За полирање се користал свински домашен сапун – ги откри Димче тајните на стариот занает.

Сопствена школа за мозаик во Англија

Димче имал ретка чест да научи од тајните на италијанските мајстори, не само за изработката на разни мозаици туку и за реставрирањето на древните мозаици и затоа му е криво што пред 15-тина години археолозите на Плаошник не прифатиле да придонесе во реставрацијата на мозаиците, иако им се понудил да работи бесплатно.

Неговите деца сакаат да работат со него и да креираат уметност, но тој не сака да им се наметнува во нивниот избор.

– Полека им го предавам занаетот на децата, не сакам да им го наметнам. Избегнуваме медиуми, телевизија и сакаме да работиме нешто. Собираме камења во шишиња и правиме мозаици, едноставно, наместо да зјапаме во телефон, ние ја насочуваме енергијата кон малечките коцки кои се преобразуваат во уметничко дело, потенцира Димче.

Голема желба на Манев е во Македонија да отвори традиционална куќа за активен одмор со работилница за мозаик и со градина. Ваквиот начин на давање курсеви по мозаик со сопругата им успеал и во Данска и во Англија:

– На учениците кои се од најразлични возрасти им правиме македонски специјалитети со вино и за време на паузите за ручек ги запознаваме со македонската култура. Првиот ден им е досадно, но потоа велат „чекај само уште овој дел да го довршам“. Има интерес за овие викенд курсеви. Тој што ќе си изработи мозаик, си го носи дома,  додаде тој.

Пишува: Орце КОСТОВ

Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.

 

 

 

Поврзани новости