Мостот „Беласица“ којшто беше важна сообраќајница во Скопје ќе се санира најмалку една година. Ваква проценка за медиумите даде деканот на Градежниот факултет, професорот Горан Марковски по пожарот што избувна под мостот па тој не функционира речиси една недела, а гужвите низ скопските улици се зголемуваат.
-Во најмала рака потребни се три до четири месеци интензивна и високостручна работа за да се утврди неговата моментална состојба. А, доколку се констатира дека е потребна негова санација, тогаш треба уште минимум половина година за да се изработи проект за санација, и после тоа да се изведе санацијата. Значи, треба доста време, вели професорот Марковски.
Телевизија Сител пак објави дека големи се шансите мостот да биде срушен и одново да се гради. Мостот се запали минатата недела и сега е затворен и за пешаци и за сообраќај затоа што огнот најверојатно ја нарушил статиката на мостот.