Град Скопје донесе одлука од денеска мостот на булевар „Беласица“ делумно да биде отворен и по него да транзитираат само лесни возила. Од таму велат дека согласно експертскиот извештај за состојбата на мостот утврдено е дека истиот нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат безбедноста.
„Има површинско напукнување на надворешниот бетонски слој во средишниот дел на едната страна на мостот, предизвикано од горењето на изолацијата на топловодните цевки на ЕСМ, кое ЕСМ ќе го санира со цел поставување нови топловодни цевки“, соопштија од Град Скопје.
Од таму информираат дека од денеска мостот ќе биде отворен за сообраќај само за лесни возила во двете крајни коловозни ленти, додека двете средишни коловозни ленти ќе бидат отворени во моментот на завршување на градежните работи од страна на ЕСМ.