МОСТ: Забележано е подобрување на транспарентноста

by fokus

Задолжително да се подготвуваат извештаи од расправите, со заклучоци и препораки од истите да се доставуваат до сите засегнати страни, записниците да се објавуваат на веб-страницата на Собранието, како што е тоа случај со извештаите од точките на дневен ред, да се подобрат техничките капацитети за водењето на записниците, да се овозможат услови за да може да се водат стенографски белешки од комисиските седници, кои би се објавувале на веб-страницата, како што тоа моментално е уредено за собраниските седници, се дел од препораките што ги даде Граѓанската асоцијација МОСТ за Собранието, добиени врз основа на кратката анализа „Наоди и препораки за подобрување на транспарентноста на комисиите“.

МОСТ денеска во Собранието на РСМ ги презентираше наодите и препораките од мониторингот поврзани со транспарентноста на работата на собраниските комисии во периодот јули 2017- септември 2019 година, по што беше заклучено дека и покрај тоа што е забележано подобрување на транспарентноста, сепак Собранието треба да надмине уште неколку предизвици коишто се поврзани со измени на Деловникот и Законот за Собрание, начинот на подготвување и објавување на документите кои ги продуцира Собранието, техничките капацитети, финансиските и човековите ресурси и веб-страницата на Собранието со цел да се овозможи зголемување на транспарентноста на уште повисоко ниво.

– Да се пропише на рок за усвојување на записниците од седниците на комисиите во Деловникот, односно записникот да се усвојува на првата наредна седница. Исто така, продолженијата на седниците да се водат со засебни записници заради зголемување на транспарентноста, да се подобрат човечките ресурси во стручната служба со цел навремено и квалитетно подготвување на записниците, да се подобри организацијата и соработката во рамките на стручната служба, препорачаа од МОСТ во Собрание.

Од анализата, соопштија од МОСТ, е заклучено дека просечната оцена за транспарентност се зголемила за повеќе од два пати, и тоа од 18 во периодот јуни-септември 2017, на 39 за периодот јули-септември 2019. Сепак, заклучуваат, оцената за транспарентност по периоди не е конзистентна, односно има периоди во кои значително флуктуира.

– Непрецизното регулирање на транспарентноста во Деловникот придонесува за различна практика на комисиите и оттаму, различни нивоа на транспарентност на нивната работа. Во таа насока, потребно е унифицирање на практиките на комисиите поврзани со транспарентноста, со цел информациите за сите комисии да бидат еднакво достапни до јавноста. За транспарентноста на работата на комисиите најмногу придонесува објавувањето на извештаите од точките на дневен ред на веб-страницата на Собранието, посочија од Граѓанската асоцијација МОСТ.

Од Асоцијацијата информираат дека пратениците се заложиле за поредовно усвојување на записниците од седниците, а, како што посочија, ќе бидат разгледани и моменталните технички можности истите да се објавуваат на веб-страницата на Собранието.

Настанот беше организиран во рамките на проектот „Индекс на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието“, кој Граѓанската асоцијација МОСТ го имплементира со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Поврзани новости