Нефункционалниот систем е причината за недовербата во избирачкиот список, соопштија на прес конференција од Граѓанската асоцијација МОСТ.
– Тоа што мораме да го констатираме е дека моменталната состојба е последица од немањето на функционален систем со прецизни процедури и алоцирани одговорности, што остава можност за злоупотреби. За да добиеме кредибилен избирачки список, сите институции инволвирани во процесот на неговото ажурирање мора да ги поддржат напорите на ДИК и заедно со оваа институција тимски да дизајнираат функционален, одржлив и ефикасен систем за ажурирање на Избирачкиот список. Со тоа, ќе може прецизно да се утврдат и одговорностите за евентуалните неточности во него – тврдат од таму.
Од МОСТ препорачуваат ДИК да се издигне над партиските интереси и да изврши теренска проверка на сите пријавени случаи од страна на граѓаните!
– По објавувањето на Избирачкиот список на интернет со новата можност за пребарување и пријавување, граѓаните забележаа повеќе видови недоследности во податоците коишто тој ги содржи. Дел од овие недоследности се резултат на долгогодишни системски проблеми, како и на начинот на водење на базите на податоци за граѓаните кои првенствено произлегуваат од МВР. Од тие причини, при проверката на податоците во Избирачкиот список, на граѓаните им препорачуваме да го проверуваат и старото и новото име на улицата, како и да ги проверат сите опции од куќниот број и броевите на влезовите и становите, односно броевите со и без нули пред нив (на пр. 1, 01, 001, 0001) – рече Дарко Алексов, претседател на „Мост“ на денешната прес конференција.
Доколку граѓаните сакаат да ги исправат забележаните недоследности во Избирачкиот список, на располагање им се неколку опции. Ако нивната улица има ново име, а нивната адреса во Избирачкиот список го содржи старото име на улицата, или ако името на улицата е непроменето, но има промена во куќниот број, потребно е да извадат нова лична карта за да им се промени името на улицата или куќниот број.
– Увидовме дека дел од проблемите во Избирачкиот список произлегуваат и од чудната потреба за честа промена на имињата на улиците од страна на општините, што во некои случаи повлекува и промена на куќните броеви, при што нема воспоставен меѓуинституционален механизам на ажурирање на адресите на граѓаните. Поради тоа, апелираме оваа процедура да не биде на финансиски товар на граѓаните и тие да бидат поштедени од процедурата на вадење потврда од локалната самоуправа за променетото име на улицата – рече Алексов.
„Мост“ апелира до граѓаните да пријават било какви неправилности во Избирачкиот список, било какви притисоци и било каков поткуп на гласачи на бесплатната телефонска линија 080 080 080 и со тоа да бидат активни учесници во подобрувањето на изборниот процес.