Невладината органзиација МОСТ, заедно со уште неколку организации од граѓанскиот сектор, во соработка со народниот правобранител Иџет Мемети, ќе го мониторираат целокупниот транзициски период до предвремените парламентарни избори на почетокот на следната година, чие спроведување во фер амбиент и согласно демократските стандари ќе одреди дали земјава ќе ја задржи препораката за почеток на преговорите со ЕУ.
Како што изјави првиот човек на МОСТ, Дарко Алексов, освен изборен мониторинг на тоа како се трошат народните пари, како се спроведуваат државните вработувања, како се одвива партиската кампања и слично, овој проект ќе опфати промоција на механизми за заштита на избирачкото право и поддршка за реформскиот процес со цел фер и демократски избори.
– Меѓу другото, ќе го следиме прочистување на избирачкиот список и ќе правиме проверка на списокот, како административна така и теренска – истакна Алексов.
Васна Гавранлиева – Андонова од Центарот за економски анализи рече дека нивна задача ќе биде анализа на висината и начинот на исплата на субвенциите кон земјоделците.
– Ќе ја следиме исплатата на субвенциите, транспарентноста и информираноста во овој процес, како и навременоста и степенот на исплата на средствата – посочи таа.
Во фокусот на Младинскиот културен центар од Битола, пак, главно ќе бидат државните вработувања на буџетска сметка.
– Ќе бараме податоци колку луѓе со договор на дело, авторски договор и друг ангажман во институциите, заводите, агенциите добиле трансформација во работен однос на неопределено – посочи Дејан Додовски од оваа организација.
Моника Велјановска од Асоцијацијата за демократски анализи од Гостивар се осврна околу меѓуетничките односи, кои ќе бидат сфера на интерес на ова здружение.
– Ќе ги нотираме меѓуетничките инциденти, ќе ги следиме реакциите на политичките елити кон овие настани, ќе забележуваме говор на омраза… – говореше Велјановска.
Според Драги Змијанац од првата детска амбсада Меѓаши, децата секогаш се чувствителна категорија и како публика и како фокус на партиите.
– Партиите да не ги злоупотребуваат децата, а медиумите да одбиваат да емитуваат платена политичка програма во која децата се злоупотребуваат за партиски цели – апелираше тој.