Москва во ОН ја блокираше американската резулуција против руската анексија

by fokus

Русија со вето во Советот за безбедност на Обединетите нации синоќа спречи усвојување на американската резолуција со која се осудува руската анексија на четири украински региони и референдумите врз основа на кои беше извршена анексијата.

Советот за безбедност на ОН има 15 членки, од кои пет постојани кои имаат право на вето. Како што објави Си-Ен-Ен, Кина, Бразил и Индија се воздржаа од гласање, а Русија, постојана членка, стави вето.

Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас Гринфилд на почетокот на седницата рече дека американската резолуција е „токму за што е создаден Советот за безбедност – да го заштити суверенитетот, да го брани територијалниот интегритет и да промовира мир и безбедност“.

Како што јавува Би-Би-Си, резолуцијата ја осудува Русија за „организирање нелегални т.н. референдуми (на територии) во рамки на меѓународно признатите граници на Украина“, а референдумите се прогласени за „неважечки“.

Резолуцијата, исто така, ја повика Русија „веднаш, целосно и безусловно да ги повлече сите свои воени сили од територијата на Украина во нејзините меѓународно признати граници“.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера ги потпиша указите врз основа на кои областите Запорожје, Херсон, Доњецк и Луганск беа припоени кон Руската Федерација, потег што од голем дел од меѓународната заедница беше оценет како спротивен на меѓународното право и ескалација на конфликтот.

Поврзани новости