Русија ќе одговори во случај на напад врз руски градови, „моќното оружје е подготвено“, изјави претседателот на Државната дума, Вјачеслав Володин.
– Денеска САД отворено ја разгледуваат можноста за напад на територијата на Руската Федерација. Што значи напад? Групата сателити припаѓа на САД, земјите на НАТО. Во овој случај, водењето и извршувањето на командите ќе го вршат војници на НАТО, користејќи високопрецизно оружје во комбинација со групи сателити. Тоа значи дека НАТО директно влегува во конфликтот – рече Володин за време на говорот пред почетокот на есенската сесија.
– Оваа дискусија може да доведе до најстрашни последици. Зборуваат за напад врз нашите градови. Зборуваат како да не е нивна работа. Тоа не е точно. Ние ќе одговориме. Имаме што да одговориме, а помоќно оружје е подготвено“ – додаде тој.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека претставниците на земјите од НАТО мора да разберат „со што си играат“ кога зборуваат за плановите да му се дозволи на Киев да погоди цели длабоко во руската територија користејќи ракетни системи предадени на вооружените сили на Украина.
Според него, директното учество на Западот во конфликтот во Украина значително ќе ја промени неговата суштина и ќе значи дека членките на Северноатлантската алијанса – САД и европските земји – се во војна со Русија. Москва ќе носи одлуки врз основа на заканите кои се појавуваат пред неа, истакна Путин.