Москва ја обвини Хрватска за милитантна русофобија

by fokus

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во понеделникот го нападна официјален Загреб, обвинувајќи ја хрватската влада дека систематски, со упорност ги уништува билатералните односи.

Причина за ова е што Загреб одби да дозволи „хуманитарен лет“ од Москва за транспорт на голема група руски дипломати и членови на нивните семејства во Русија, што Хрватска неодамна го прогласи за непожелни и им даде две недели да си заминат од земјата. Се работи за 18 дипломати и 6 членови на административниот персонал на руската амбасада во Загреб.

-Во налетот на милитантната русофобија, официјален Загреб отиде толку далеку што целосно недипломатски, грубо и кршејќи ги меѓународните комуникациски стандарди, одби да организира хуманитарен лет за евакуација на поголема група вработени во руската амбасада во Хрватска, заедно со нивните семејства, вклучително и мали деца. Станува збор за луѓе на кои хрватските власти целосно неразумно им наредија да ја напуштат државата, рече Захарова.

-Ваквиот нехуман и крајно исмејувачки однос кон нашите сограѓани нема да помине без соодветен одговор, заклучи Захарова.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ги коментираше обвинувањата од Москва, демантирајќи дека има некаква русофобија и говорот на Захарова го нарече „пропаганда на Кремљ“.

-Мислам дека овие луѓе веќе ја напуштија Хрватска, со лет од Белград, рече Пленковиќ.

Поврзани новости