Западот распореди околу 360.000 војници во близина на границата меѓу Русија и Белорусија, изјави денеска рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, додавајќи дека Москва исто така ќе го зголеми присуството на своите војници на западните граници.
Тој изјави дека покрај голем број војници, западните земји распоредиле и околу 8.000 оклопни возила и 650 авиони и хеликоптери, пренесе РИА.
Шојгу истакна дека бројот на војници на НАТО, кои не припаѓаат на земјите од регионот, е зголемен од февруари минатата година во близина на границата на Русија и Белорусија за два и пол пати и надмина 30.000, пренесува РИА.
„Колективниот Запад води прокси војна против Русија“, рече рускиот министер за одбрана.
Шојгу рече дека Русија ќе го зголеми бројот на своите војници на западните граници како одговор на членството на Финска во НАТО, пренесува Ројтерс.
Тој го нарече влезот на Финска во Алијансата и идното членство на Шведска „сериозен дестабилизирачки фактор“.