Москва да продолжи со преговори е предлогот на Лавров до Путин

by Fokus

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, му предложи на претседателот Владимир Путин Москва да продолжи по дипломатскиот пат во напорите да извлече безбедносни гаранции од Запад, додека растат тензиите околу Украина.

Лавров му кажа на Путин дека САД изнеле конкретни предлози за намалување на воените ризици, но кажа дека одговорите на Европската Унија и воениот пакт НАТО не биле задоволувачки.

Во разговорот кој беше пренесуван на телевизија Путин го праша Лавров дали постојат изгледи за постигнување договор за да се решат безбедносните проблеми на Русија или само се вовлекува во мачни преговори.

-Повеќе пати предупредувавме дека нема да се впуштиме во бескрајни преговори за прашања кои треба да се решат денес. Но, морам да кажам дека секогаш постојат изгледи. Ми се чини дека нашите можности не се исцрпени. Во оваа фаза предлагам да продолжиме и да ги надградиме, додаде Лавров.

Лавров истакна дека добил „незадоволувачки одговори“ на писмото кое го испрати до членките на Европската Унија и НАТО за прашањето на „неделивата безбедност“ – повикувајќи се на приговорот на Русија дека Украина и западните земји ја јакнат својата безбедност на сметка на Русија и дека тоа е во спротивност на меѓународните договори.

-Добив незадоволувачки одговори, никој од колегите министри не одговори на мојата директна порака. Затоа ќе продолжиме да бараме конкретна реакција од секоја земја, кажа Лавров.

Тој рече дека завршуваат заедничките воени вежби во Белорусија кои се сметаат за еден од најотворено заканувачките елементи на трупањето сили на Кремљ околу границите на Украина.

 

 

Поврзани новости