Морнар и неговото куче спасени по три месеци во Тихиот Океан

by Fokus

Австралиски морнар и неговото куче беа спасени од мексиканска рибарски брод, откако поминаа три месеци во огромното пространство на Тихиот Океан, изјави вчера сопственикот на рибарскиот брод, пренесе „Дојче Веле“.

Тимоти Линдзи Шедок (54) и неговата придружничка кучката Бела, тргнаа на своето патување од крајбрежниот град Ла Паз во Мексико во април, со цел да стигнат до Француска Полинезија, растојание од приближно 6.000 километри  или 3.700 милји.

Сепак, нивните планови добија драстичен пресврт кога нивниот катамаран, наречен „Алоха Тоа“, беше сериозно оштетен од разбрануваното море, што ја направи неговата електроника бескорисна.

Аматерскиот морнар беше спасен од океанот со мексиканскиот рибарски брод по тримесечна изолација. Човекот и кучето го преживеаја тешкото искушение пиејќи дождовница и јадејќи сирова риба фатена со нивната риболовна опрема.

Компанијата за рибарски брод соопшти дека жителот на Сиднеј и неговото куче Бела биле пронајдени во „несигурна“ состојба без никакво  засолниште. Екипажот на бродот им обезбеди медицинска помош, храна и вода, се вели во соопштението.

Во видеото до кое дојде австралискиот „9 вести“, Шедок, со бушава брада и изгледа видно изнемоштен, им изразува благодарност на своите спасувачи.

Морнарот рече дека и покрај ситуацијата, се чувствувал  многу добро.

„Поминав низ многу тешко искушение на море“, рече тој во друго видео. „Ми треба само одмор и добра храна бидејќи долго време сум сам на море“.

Шедок и Бела се очекува да стигнат до пристаништето Манзанило на брегот на Тихиот Океан во Мексико во вторник.

Поврзани новости