Македонската фолк естрада повторно ја покажува својата хуманост на дело. Вечерва во Битола, во ресторан Император со почеток од 21 часот, голем број на наши фолк музичари ќе пејат хуманитарно, со цел да се соберат пари за лекување на Лидија Ристевска.
Своето учество веќе го потврдија Татијана Стефановска, Ирена Спасовска, Ирена Велјовска, Марјан Коцев, Благојче Стојановски – Туше, Елена Јовческа, Ташко Каранфиловски, Менде Куновски, Модус бенд и други.
-Лидија е моја сограѓанка, битолчанка. Моравме да најдеме начин да и помогнеме, бидејќи веќе подолг период се бори со тешката болест, прогресивна мултиплекс склероза. Состојбата и е влошена, мора да замине на лекување во Русија, односно на третман со матични клетки кој изнесува 45.000 евра. Дел од парите веќе биле собрани, но недостигале уште 18.000 евра. Тоа е голема сума на пари, ние колегите од фолк сцената се надеваме дека барем делумно ќе успееме да помогнеме. Апелираме и до останатите колеги од поп сцената, ако се во можност да се вклучат со свои хуманитарни настани, но и до сите граѓани кои можат да донираат за Лидија, мораме да се избориме за неа – вели фолк пејачката Татијана Стефановска.
Додава дека не се работи за класичен концерт, туку за еден вид на забава, а влезот бил бесплатен. -Ќе има поставено кутии за донации во локалот, но се договоривме со колегите и целиот бакшиш да го донираме за Лидија. Нашиот народ е хуман, веруваме дека на настанот ќе има многу гости кои ќе и подадат рака на Ристевска. Таа е млада жена која заслужува шанса и голема поддршка во овој период од животот кој е доста тежок за неа – појаснува Стефановска. Отворени се телефони за донации 143 121 Т- МОБИЛЕ и 143474 ВИП, и жиро сметка во Стопанска Банка АД Битола 500600016598443.
Вики Клинчарова