Морам да ја вратам жената во живот, ми беше единствената мисла додека некои дури и не снимаа со мобилните сред агонија!

by fokus

Елена Китанова од Струмица, 25-годишната докторка која од пред еден месец работи во струмичката брза помош е херојот кој спаси жена – давеник на градската плажа во Дојран.

Настанот се случи на 11-ти август, околу 17 часот, додека младата докторка била дежурна во амбулантата во Дојран. Заедно со неа била и дежурната медицинска сестра и возачот на амбулантното возило, кога во просториите на амбулантата, која се наоѓа во близина на градската плажа, влетал вознемирен човек кој барал помош.

Како што раскажува д-р Китанова за ,,Фокус”, човекот им кажал дека од езерската вода извадил тело на млада жена, давеник, која не давала знаци на живот.

-Веднаш се упативме кон местото, каде без знаци на живот, значи без срцева активност и пулс лежеше жена на возраст од 36 години, струмичанка. Околу неа имаше многу народ, сите беа вознемирени и потресени, и првото нешто кое го прашав беше дали некој и пружил било каква помош на жената, на што ми одговорија дека единствено човекот кој ја забележал во водата, успеал да ја извади на брегот.
Започнав со реанимација, бев под голем стрес и единствено мислев дека мора да ја спасам, да ја вратам во живот! Кога и дадов андреналин, таа започна со дишење, се врати во живот! Беше збунета, не зборуваше ништо. На раце, со сестрата и возачот на амбулантото возило ја ставивме на носилка, помогнаа и луѓето од плажата, стигнавме до возилото, и заминавме во болницата во Гевгелија – раскажува докторката.

Вели дека жената била задржана во гевгеличката болница на испитување, а веќе наредниот ден била пуштена дома.
Појаснува дека најважно и е што еден човечки живот е спасен, и скромно вели дека таа само си ја работела својата работа.

-Успеавме да ја спасиме, тоа е најважното нешто! Тоа се моменти кои не се опишуваат со зборови, се работи за секунди, стресот беше навистина голем, а зборовите дека пациентот мора да се спаси одекнуваат во мислите.
Но, додека траеше реанимацијата, луѓето кои во голем број беа насобрани околу нас, морам да забележам дека помеѓу нив имаше и такви кои целиот настан го снимаа со мобилни телефони! Не треба така, во такви моменти додека некој се бори за живот, лоша слика е тоа. Сепак, на крај, кога веќе жената се врати во живот, благодарна сум на насобраните кои помогнаа да ја пренесеме до возилото, бидејќи истото немаше пристап до местото на настанот.
Голема благодарност најмногу и до човекот кој ја извадил давеничката од водата, до медицинската сестра, до возачот на амбулантното возило, до сите кои во тие моменти на некој начин помогнаа. Притрча и една жена која ни кажа дека има обука за спасувач, благодарни сме и и нејзе – вели д-р Китанова.

Таа апелира до јавноста, да се има сериозен пристап кога се оди на плажа, бидејќи со водата нема игра.

-Не е препорачливо да се седи на плажа на најголемите жештини, но гледам дека плажите се преполни дури и во 15 часот, на високите температури. Секому може да му се слоши, па дури и да е во вода, тоа време треба да се избегнува седење на плажите. Исто така деновиве во итната помош често ни доаѓаат пациенти со разни стомачни вируси, или пак дехидрирани, на кои им се слошило од високите температури, препорака до сите е да не излегуваат на најголемите горештини.
Овој настан ги вознемири сите кои беа на плажата, луѓето беа премногу потресени од сликите кои се одвиваа пред нив. И ние, медицинарите, исто како и секој човек реагираме на вакви настани, само што во тие моменти не смееме да се препуштиме на стресот, туку единствена цел ни е да се спаси живот – вели докторката.

Додава дека продолжува посветено да си ја работи својата работа, а ова и бил прв случај на спасување на давеник.

-Пред неполн месец започнав со работа во брзата помош во Струмица, и покрај тоа што имам 25 години, подготвена сум за соочување со секакви ситуации, бидејќи ова е мојот живот повик. Да се надеваме дека ќе нема слични ситуации, но што и да дојде, овде сме да помогнеме – ни изјави д-р Китанова.

Вики Клинчарова

Поврзани новости