Јавно ги прашувам почитуваните судски и обвинителски великодостојници, кој ги спречуваше, им вршеше притисок, им се закануваше и ги одвраќаше тоа да го направат досега!? Никој! Време е да бидат барем малку достоинствени и „машки“ да ги понесат последиците од сопствената неодговорност, солидарност, нерешителност, кукавичлак, криминал, корупција…
Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Аман бе, високоправосвештеници од родот на судиите, обвинителите, политичарите и амбасадорите! Доста ни е од „реформи“ во правосудството! Па, нели, во изминатите десетина години толку пати правевте и заговаравте „реформи“, што денес поголем партал од судството и обвинителството во државава нема. Реформи, па реформи!
Никој нема храброст и доблест да проговори дека се работи за организиран криминал и корупција, во кои се вмешани и активно учествуваат основни, апелациони и судии на Врховниот суд, како и основни, виши и обвинители од Државното јавно обвинителство.
Во отсуство на така јасно дефинирана состојба само се настојува, на овој или на оној начин, да се избегне прашањето на одговорноста.
ИНДИВИДУАЛНА, КОЛЕКТИВНА ИЛИ НИКАКВА ОДГОВОРНОСТ
Нема дилеми дека сите судии и обвинители се корумпирани и криминалци. Но, уште повеќе од јасно е дека никој ниту во судството, ниту од обвинителството не посочи со прст во својот корумпиран и криминализиран колега. Напротив!
Во сите овие години, и судиите, и обвинителите настојчиво молчат за криминалот и корупцијата во сопствените редови. И поранешниот ДЈО Љубомир Јовески, како и актуелниот ДЈО, Љупчо Коцески, упорно одбиваат да помислат, а уште помалку да процесираат кривична пријава за криминал и корупција за судија и обвинител. Едноставно одбраа бесрамно да молчат.
Токму тоа одбивање да се преземат какви било дејствија против познати и идентификувани криминалци од редот на судиите и обвинителите им дава апсолутно право на граѓаните да го имаат таквото негативно мислење за правосудството какво што секојдневно го изразуваат.
И уште повеќе! Стои убедувањето дека токму судиите и, особено, обвинителите се најголемите заговорници и двигатели за опстанокот и метастазирањето на криминалот и корупцијата во општеството и државата.
Затоа нема никакво морално, професионално и политичко покритие, последниот изговор на високоправосвештениците од редот на судиите и обвинителите дека Судскиот и Обвинителскиот совет не треба да се распуштат!
Зашто, нели, одговорноста за криминалот и корупцијата во правосудство треба да се бара и наоѓа на поединечно, индивидуално, а не на колективно рамниште.
Јавно ги прашувам почитуваните судски и обвинителски великодостојници кој ги спречуваше, им вршеше притисок, им се закануваше и ги одвраќаше тоа да го направат досега!?
Никој! Време е да бидат барем малку достоинствени и „машки“ да ги понесат последиците од сопствената неодговорност, солидарност, нерешителност, кукавичлак, криминал, корупција…
ХИРУРШКИ ЗАФАТ ВО ПРАВОСУДСТВОТО
Сите „знаат“ што е добро за граѓаните. Особено судско-обвинителските великодостојници, странските амбасадори, невладините и политичарите. Но, никој не се сеќава да ги праша токму граѓаните.
Тоа, за потсетување, се оние што најмногу страдаат од криминалот и корупцијата во судството и обвинителството. И не само тоа! За политичката перверзија да биде поголема, со свои пари ги плаќаат судиите и обвинителите, т.е. своите џелати да ги малтретираат и ограбуваат.
Токму затоа, време е да престанат приказните за „независноста“ на правосудството. Ако се чека на актуелните раководства судии и обвинители, ќе бидат потребни најмалку уште два века да се расчисти со криминалот и корупцијата во судско-обвинителскиот систем. Потребен е хируршки зафат. Професионален, одмерен, одговорен.
Затоа Судскиот и Обвинителскиот совет треба да бидат распуштени. Но, само под еден услов. Тоа да не биде вовед на проста персонална замена на „вашите“ со „нашите“ криминалци, туку сосекување на криминалот и корупцијата, како на судиите и обвинителите, така и на политичарите.
Друго нема! Во спротивно, на следните избори, и оваа влада како и претходната, ќе се соочи со гневот на граѓаните поради дадени, а неисполнети ветувања.