Морален и правно-политички блуд

by Фокус

Гледај изненадување! Во целиот тој морален и правно-политички блуд најдоа за целисходно својот глас да го кажат и претседателите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Демек, не биле консултирани за измените на Кривичниот закон и сега за законот на амнестија.

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

За разлика од науката за политиката, народот одамна ја дал најкратката и најточната дефиниција за тоа што е политиката. Таа гласи: курва!

(Со сето должно извинување кон припадниците на најстариот занает затоа што нивниот морал е далеку над моралното рамниште на „политичарите“).

Најсвежа потврда за точноста на оваа дефиниција се актуелните случувања на македонската политичка сцена, согледувани низ исказите на „лидерите“ на најголемите политички партии.

Тоа се, пред сѐ, меѓусебните „допишувања“ меѓу актуелниот и поранешниот претседател на ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Никола Груевски, исказите на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и исказите на актуелниот и поранешниот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски и Зоран Заев.

Иако се само дел од она што навистина се случувало како „нормална“ политичка комуникација меѓу шефови на политички партии што учествуваат во парламентот, сепак тие недвосмислено укажуваат дека на домашната политичка сцена паралелно постојат видливи и невидливи релации, сојузи и практики.

ГОСПОДИ, НЕ ИМ ПРОСТУВАЈ!

Заедничкото за сите нив е тоа што се засноваат на бескрупулозна непринципиелност заснована врз дневни политички, економски и лични интереси. Ниту трага од принципи, морал, чувство за законитост и правда. Само гол интерес и ништо друго. Чиста и со ништо неизвалкана политичка проституција. Властитутки.

Знаат што прават! И, што е најлошо, тоа што го прават, не го прават заради општо и заедничко добро, туку од лични себични интереси.

Со годините, чекор по чекор, со таквите политики, Република (Северна) Македонија ја направија одвратно и бесперспективно место за живеење.

За некоја година, резултатот од таквите „политики“ ќе биде многу видлив. Повеќе нема да се брои кој се иселил од државата, туку кој останал да живее во неа.

А тоа директно и најбрутално ќе се одрази на нејзината општествена стабилност, економска и финансиска моќ, безбедност… опстанок.

Но, кој се интересира за сето тоа!? Приоритет се актуелните тендери, изгласувањето на уставните промени, партиските комбинаторики, претстојните избори. Волшебната магија на власта не остава никого рамнодушен и затоа за неа вреди да се бори по секоја цена.

МАГАРЕШКА КЛУПА

Но, гледај изненадување! Во целиот тој морален и правно-политички блуд најдоа за целисходно својот глас да го кажат и претседателите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Демек, не биле консултирани за измените на Кривичниот закон и сега за законот на амнестија.

Првите луѓе на „независноста“ судска и обвинителска власт, кои по правило се конформисти и избегнуваат секакво, макар и наивно вербално спротивставување со другите облици на власт, го кренаа својот глас толку многу, што не се слушна подалеку од канцеларијата во која беше искажан.

А кутрите, што можат друго и да направат, кога знаат дека и тие се „конститутивен дел“ од организираниот криминал во државата.

Затоа и молчат бидејќи ако се отвори прашањето на одговорноста за криминалот и корупцијата во државата, нема дилеми дека ќе се види кои судии и кои обвинители заработиле илјадници (некои и милиони) евра во практикување на својата „независна“ власт.

Поради тоа, најдобро им е и понатаму да останат да седат во својата доброволно избрана „магарешка клупа“, свесни дека со своите стручни, професионални и морални квалитети не го заслужуваат ниту тоа.

А граѓаните, законите, државата – хм, кој ги шиша! Така и им треба кога трпат.

Поврзани новости