Претседателката на ДОМ Маја Морачанин денеска од собраниската говорница истакна дека граѓаните треба да плаќаат поскапа електрична енергија.
-Јас сметам дека електричната енергија не треба да биде евтина, затоа што ако струјата е евтина, тоа доведува до поголема потрошувачка, а ние треба да ја штедиме електричната енергија – рече Морачанин, додавајќи дека тоа е тенденција во светот.
Таа истакна оти се согласува дека во овој момент заради корона кризата и јасната социоекономска криза потребни се стимулативни мерки и поддршка за граѓаните за да не го почувствуваат тој удар, но, порача таа, подобро решение е намалување на електрична енергија само кај социјално ранливите категории.
Инаку, со 83 гласа „за“, пратениците денеска ги донесоа законските измени со кои ДДВ-то за електричната енергија се намалува од 18 на 5 проценти, со што се спречува зголемување на цената на струјата.