Поп музичарите Александар Тарабунов и Димитар Андоновски го промовираа својот прв дует насловен „Ќе преживеам“. Станува збор за брза песна која доаѓа како резултат на долгогодишна соработка и пријателство и всушност значи остварување на нивните дамнешни планови, но е и најава за она што ќе следува од нив во периодот кој доаѓа.
– Песната се создаде спонтано додека лежев на плажа. Добив идеја за еден дел, потоа седнавме со Диме и буквално во еден ден идејата се претвори во музика и текст. Велат, кога нешто што ќе го направиш ти се допаѓа значи дека е добро, е нам песнава ни се допаѓа, вели Тарабунов.
За песната е снимено и видео работено под палката на Владислав Гавриловски, а кадрите се снимени во винаријата „Кралица Марија“ во Демир Капија.
Дека оваа соработка и даденото ветување дека музичката приказна нема да заврши тука доволно зборува и создавањето на „77 ентертејмент“, нова продукција која под својата капа ќе стави низа домашни изведувачи. Андоновски и Тарабунов веќе договориле настапи во повеќе градови во земјава.
– Мора да се работи и мора да се избориме за македонската музика. Мораме и да вложуваме и повеќе да ја цениме, затоа што тоа сме ние, порачаа музичарите.
Вики Клинчарова