Монопол

by Fokus

Нема да биде дозволено сами да си засадите канабис по дома, бидејќи тоа и понатаму е нелегално, ама ако некој добие лиценца, засади и ви продаде по високи цени, тогаш тоа е легално. Супер логика, нема што!

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

Во интервју за Дојче веле, премиерот Зоран Заев јавно објави информации кои од „Билка“ ни беа познати најмалку една година порано, секако неофицијално. Ќе се „легализира“ канабисот во туристичките центри во Република Македонија и главниот град, во локали и кафулиња кои ќе исполнат посебни услови, и кои ќе можат да го докажат потеклото на канабисот.

И во последните неколку збора лежи трикот. Да се докаже потеклото на канабисот. Ова е јасна индикација дека до легализација на канабисот нема да дојде, туку ќе има парцијална, селективна и привилегирана „легализација“. Нема да биде дозволено сами да си засадите канабис по дома, бидејќи тоа и понатаму е нелегално, ама ако некој добие лиценца, засади и ви продаде по високи цени, тогаш тоа е легално. Супер логика, нема што!

ПАРЦИЈАЛНА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА КАНАБИСОТ

Парцијална, бидејќи кога говориме за легализација, правото дома да можам да си засадам и одгледам за минимални средства е подеднакво важно, како и правото на тоа да се прави бизнис и кеш од канабисот. Селективно, бидејќи владино-невладини здруженија заговараат ДДВ стапка за канабис од 30-55 проценти, што е сулудо, зашто ако канабисот е комодитет, која е логиката да плаќам абнормална цена на ДДВ, високо над нормалната стапка од 18 отсто. Привилегирана, бидејќи не смееме да се правиме недоветни. Иако премиерот тврди дека секој ќе може да аплицира, тоа е само формално точно.

И за фабрика и лиценца за медицински канабис секој може да аплицира. Ама, сериозен проект би чинел два милиони евра, а сите знаеме колкумина од дома имаат толкави средства. Едноставно ќе ја кренат летвичката со услови високо, ќе стават ненормално ДДВ, па дополнително, бидејќи е забранета и контролирана супстанца, ќе бапнат и акциза, и тоа ќе не доведе да плаќаме по петнаесет евра за грам канабис, што е екстремно високо за нашите можности.

Сѐ надвор од кофишоп или локал, како и да е, ќе биде и понатаму нелегално и жестоко казнувано. Бидејќи политичарите кај нас не трпат конкуренција. Проблемот е што ваквиот модел, наместо да го сузбие црно-сивиот пазар, истиот го поттикнува. Грам канабис ќе чини 10-15 евра, и добар дел од консументите сѐ уште ќе садат само, или ќе купуваат на црно, каде што цените се далеку помали.

Легитимно е да се дозволи лиценцирани локали да може да продаваат. Но, можноста да го правам тоа сам, она што вие го правите за пари, мора да постои. Не се сите со подлабоки џебови, па да можат да си дозволат да плаќаат австриски цени. И ниту еден сериозен бизнисмен нема да биде загрижен, бидејќи тврдам дека 5-10 отсто од консументите би саделе дома. И пиво можам да направам следејќи туториали, па си купувам, бидејќи е по пристапна цена.

Овој момент е исклучително важен, бидејќи би покажал дека државата е подготвена да внимава и на правата на граѓаните, а не само на правото да се стопанисува. Кога нашата држава веќе препознава четири области каде што канабисот има лековито дејство (а таа листа треба итно да се ревидира и прошири) тогаш мора да ми дозволи и самиот да се грижам за своето здравје, бидејќи заштитата на здравјето е уставна категорија. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

БИЗНИСОТ ЌЕ ГО ПРИГРАБАТ ЛУЃЕ ОД ВЛАСТА

Не е тајна дека дузина луѓе блиски на извршната власт имаат бизниси со канабис. И до тука нема ништо лошо. Но, кога извршната власт прави истовремено измени на Закон за контрола на опојни дроги со кој ќе собира арач од 20 отсто по оданочување на постојните фирми за канабис, а ќе бара и 300.000 евра банкарска гаранција, а дополнително ќе направи измени со кои ќе дозволи комерцијална продажба на канабис, нормално е да се вклучува алармот.

Празни флоскули од типот секој ќе има право да отвори ќе останат чиста формалност, и сите знаеме кој ќе го приграби тој бизнис, да не бидеме недоветни. И покрај тоа што не сме чуле официјален предлог, коцките веќе се местат. Веднаш по ваквата „легализација“ повеќе блиски луѓе на власта ќе отворат локали, еден локал ќе биде награден, бидејќи учествува во квази процесов во форма на алиби невладина, канабисот ќе биде екстремно скап и привилегија само на оние со подлабок џеб, а црниот пазар, не само што ќе опстои, туку и ќе порасне.

Во исто време ќе не гонат нас уживателите и пациентите подеднакво жестоко. Само економскиот бенефит не е доволен и овој процес мора да вклучи лични права, а бизнис нека тераат колку сакаат. Доколку се предложи модел во кој секој еден ќе има можност, со регистрација во надлежно тело, да си расте една природна билка, доколку нема средства или едноставно не сака да оди во кофи шоп, тогаш тој модел ќе го поддржам со две раце. Воедно ќе го искористам своето влијание во „Билка“, а и како Здружение да го поддржиме.

Останува да видиме, иако лично сум претпазлив и скептик. Економските мотиви се оправдани и добри, но тие не треба да бидат злоупотребени  за монополизирање на бизнис и концентрација кај шака луѓе. Живи били, па видели, на која воденица оди водата. Но, барем едно знаеме. Затоа политичарите кај нас сериозно не ги гонеле дилерите. Сакале тие да бидат дилерите!

Поврзани новости