Мониторинг: Кои се „најжешките“ теми во порталите?

by Фокус

Ковид 19 и вакцинацијата, конфликтот во Украина, договорот со Бугарија, ситуацијата со парно-греење и драмата околу Новак Ѓоковиќ во Австралија – ова се „најжешките“ теми кои предизвикуваа реакции во дигиталните медиуми во земјава во јануари годинава, покажува мониторингот на „Пикаса Аналитикс“, која врши интегриран мониторинг на дигиталниот простор во цел Западен Балкан.

Во извештајот изработен врз основа на мониторингот се наведува дека, исто како и во изминатиот период, темата „Ковид 19-вакцина“ останува во фокусот на јавноста и предизвикува значителна активност кај дигиталната публика.

„Иако со пад од 11 отсто во волуменот на објавите во однос на декември, темата „Ковид 19 вакцина“ во јануари предизвика над 312 илјади реакции кај публиката, што преставува зголемување од 27 отсто во однос на предходниот месец“, стои во извештајот.

Во него се додава дека значителен дел од реакциите на темата „Ковид19 вакцина“ во месец јануари биле поврзани со темата „Ѓоковиќ инцидент“, односно дел од зголемувањето на реакциите се однесуваа на поврзаноста на вакциналниот статус на Ѓоковиќ со случувањата во Мелбурн.

„Реакциите на јавноста на глобално ниво се покажаа дури и како главен фактор во конечната судска разрешница на случајот. Драмата во Мелбурн, како и секоја добра драма се одвиваше во три чина, кои предизвикаа големи пикови на интерес и реакции и кај домашната публика, што се гледа од графичкиот приказ на активноста на дигиталните медиуми за времетраењето на сагата“, пишува во извештајот.

Во него се истакнува дека пиковите на интерес на домашната публика за судбината на славниот тенисер доминираа над локалните теми, како што е темата „Централно парно греење“. Исто така, и темата „Договорот со Бугарија“ во континуитет го држи вниманието на јавноста и предизвикува голем број на поларизирани реакции кај публиката.

„Поголем интерес за темата предизвикаа изјавата на бившиот министер за надворешни работи Никола Димитров за колегата Османи, како и изјавата на американската конгресменка, во која беше споменат предлог за санкции кон Бугарија“, се нагласува во извештајот.

Од политичките теми, при крајот на јануари драматично се актуелизираше темата „Конфликтот во Украина“, која, според мониторингот, предизвика голем интерес и раст на објавите и текстовите од 70 отсто, проследено со раст на реакциите на публиката од цели плус 162 отсто во однос на декември.

„Најголем интерес и активност на дигиталните медиуми предизвика изјавата за подршка кон НАТО сојузот на министерката за одбрана Славјанка Петровска, на 24 јануари, кога реакциите на објавените артикли на темата надминаа 44 илјади, и достигнаа над 18 отсто од вкупната активност на дигиталната публиката во тој ден“, покажа мониторингот на „Пикаса Аналитикс“.

Поврзани новости