Од Министерството за образование реагираа на соопштението на СДСМ, во кое опозицијата обвини дека власта се фали дека вовела „концепт на бесплатно образование”, иако почетокот на учебната година ги чини семејствата колку една минимална плата.
Од МОН велат дека во времето на СДСМ граѓаните биле изложени на поголеми трошоци, како партиципација при запишување на училиште, автобуски превоз и комплет учебници.
-СДСМ го заборава тоа. Заборава и дека тоа е период во кој не беше изградено ниту едно училиште, училишна спортска сала, високо-образовна установа. За разлика од минатото, би сакале да информираме дека денес Владата и Министерството за образование и наука имаат конкретна сеопфатна стратегија за континуирано унапредување на образовниот систем на сите нивоа. Потсетуваме на фактот дека во изминатиот период се изградени 74 нови училишни објекти, додека повеќе од 400 се реконструирани и санирани. Изградени се и 55 училишни спортски сали, а осум се во фаза на градба. Учениците од прво до деветто одделение учат од учебници изработени и одобрени од најголемиот светски снабдувач со квалитетни наставни програми и учебници – Меѓународниот центар при универзитетот Кембриџ- се вели во соопштението.