МОН обезбедило 10.000 таблети за ученици во социјален ризик

by fokus

Министерството за образование и наука набави и дистрибуираше до училиштата таблети за ученици од четврто одделение од семејства во социјален ризик. МОН информира дека од вкупно 10 000 уреди, досега се подигнати 3000.

– Со набавувањето на оваа опрема училиштата се подготвуваат за новата учебна година, со која во пракса започнува и имплементацијата на новата образовна Концепција за основно образование. Со новата Концепција се предвидува осовременување на образовниот процес, односно учениците од прво и четврто одделение ќе учат по целосно нови наставни програми и од нови материјали за учење, чија подготовка е во завршна фаза, наведува МОН.

Новина во наставата во четврто одделение е што предност ќе им се даде на дигиталните учебници, кои ќе бидат само една алатка повеќе за успешно совладување на материјалот. За таа цел, МОН посочува дека обезбеди таблети кои се наменети за учениците од социјално ранливи семејства.

-На овој начин, овозможуваме еднаков пристап на сите ученици за користење современи средства за учење, односно даваме можност мултимедија при учењето да користат и учениците кои поради финансиски потешкотии тоа не можеа да си го дозволат порано. Новите наставни програми треба да обезбедат поголема интерактивност за време на наставата и да го поттикнат креативното и критичко размислување кај учениците, соопшти Министерство за образование и наука.

Новата Концепција за основно образование од 1 септември ќе почне да се применува во прво и четврто одделение, а потоа етапно, во наредните пет до шест години, во план е да биде спроведена целосно во деветолетката.

Поврзани новости