МОН никако да го реши проблемот во „Орце Николов“, учениците висат за упис

by Fokus

Во една од најугледните скопски гимназии триста ученици кандидати за упис неколку дена не знаат дали  ќе бидат примени во посакуваното училиште, дали ќе одат на тест, кога ќе одат на тест, што треба да си повторат за да го поминат, а најголем проблем се 20-тина од нив коишто имаат одличен успех, а сепак се надвор од квотата.

Сите основци што со максималниот број бодови, 75, или просек чиста петка, се пријавени за упис во гимназијата „Орце Николов“ утре ќе полагаат квалификациски тестови за прием. Во оваа гимназија за 285 слободни места, се пријавиле 400, од кои 330 биле со сите петки. Од нив десетици си ги повлекле документите, па останале само дваесетина пријавени над квотата.

Одговорни за тестовите се Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Министерството за образование, вчера, еден ден по последниот рок за упис, не дозволи да се отвори нова паралелка, ниту пак дозволи тие дваесетина ученици да се распределат по веќе пропишаните паралелки. Реши, првпат по многу години, да има тестови. Нема информации ни за тоа како ќе се спроведува квалификациското тестирање за упис. До моментов никој од учениците не знае во колку часот утре ќе се полага, ниту пак што поконкретно ќе има на тестовите, по македонски и математика.

Професорите велат дека ова што се случува со уписите во нивната гимназија е срамота пред сè за нив како институција, како и за Министерството за образование. Но, се разбира, тука најоштетени се учениците и нивните чувства. „Којзнае што сè преживуваат тие овие два дена, не знаејќи што и кога ќе полагаат. За ова мора да постои одредена процедура, која треба да се знае со месеци однапред, за сите да бидеме подготвени да ја спроведеме“, велат тие, пренесува МКД.мк.

Родителите на овие ученици вчера беа пред Министерството за образование, а за денеска бараат средба со одговорни лица во Владата. Тие веќе испратија и петиција до МОН со барање да нема приемно полагање, дека со тоа се врши дискриминација на овие ученици и бараат отворање нова паралелка. И изминатите години интересот за оваа гимназија беше поголем од предвидената бројка, но проблемот се решавал или со нова паралелка или со прераспоредување на вишокот во постоечкиот број паралелки за први клас гимназија.

Од МОН, пак, најавуваат дека вакво тестирање ќе има и во СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Град Скопје (за стручно образование- здравствена струка за образовниот профил медицинска сестра на македонски наставен јазик) и во СОУ „Димитар Влахов“ – Струмица (за стручно образование- здравствена струка за образовниот профил медицинска сестра на македонски наставен јазик).

Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 24 и 25 јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 26 јуни.

Поврзани новости