МОН не одговори за ветувањата кон Македон

by Fokus

По реакцијата на таткото на генијалецот Македон Димитровски, во која тој упати критики кон МОН поради неисполнетите ветувања, „Фокус“ побара одговор од Министерството за образование за овој случај.

Надевајќи се дека ќе добиеме конкретен одговор, од МОН добивме еден куп набројувања на политики за талентираните ученици од Македонија. Одговорот од МОН ви го пренесуваме во целост:

„Во насока на поддршка на талентираните ученици во Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука реализира повеќе активности со кои се вреднува и стимулира нивниот труд и постигнати резултати. Па така, освен што талентираните ученици на предлог на одделенски наставник односно одделенски раководител, а со одлука на Наставнички совет можат да напредуваат и забрзано, но најмногу до два пати за време на школувањето да преминат во наредно одделение, за учениците со натпросечна интелигенција се организираат и додатни активности, односно следуваат дополнителни бенефиции.

 

На пример, се организира дополнителна групна или индивидуална настава за надарени и талентирани ученици, а законите предвидуваат советот на наставници да изготвува посебна програма за работа со талентирани ученици. Учениците се подготвуваат за учество на натпревари од страна наставници ментори.

 

Од учебната 2020/2021 година отворена е Математичко – информатичка гимназија во Скопје како специјализирано училиште каде по посебни програми се образуваат талентирани ученици  од областа на математиката, физиката и информатиката.

 

Министерството за образование и наука секоја година доделува стипендии за талентирани ученици од средните училишта и тоа одделно по 100 стипендии за талентирани ученици спортисти и 100 стипендии за талентирани ученици во други области. Месечниот износ е зголемен од учебната 2021-2022 година од 2970 денари на 3500 денари и се исплаќа за 9 месеци во годината.

 

Дополнително, МОН доделува и еднократен паричен надомест за ученици кои ќе освојат прво место на државен натпревар по било кој предмет организиран од акредитирано здружение на наставници ( износот е 50% од просечната нето плата во земјата), како и еднократни парични надоместоци за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар по математика, информатика и природни науки (100%, 80% односно 60% од просечната нето плата во земјата, зависно од освоеното место). Исто така, се доделува и месечен паричен надомест за освоен медал на меѓународна научна олимпијада ( 12 месеци во годината по 12.000 денари за освоен златен медал, 10.000 за сребрен и 8.000 денари за бронзен медал). За учебната 2020/2021 година се доделија парични награди на 16 ученици (во прилог листа со податоци за учениците) кои учествуваа на меѓународни натпревари/олимпијади, додека за учебната 2021-2022, јавните повици се во тек.

Учениците кои ќе го освојат првото место во рамки на државниот натпревар – Лидер на струка (натпревар помеѓу ученици од средни стручни училишта), исто така добиваат еднократен паричен надоместок во висина од 50% од просечната плата.

 

Во последниот период, учениците почесто се вклучуваат и во програмите на Фондот за иновации, како и програми креирани во соработка со меѓународни партнери и организации како што е UPSHIFT програмата создадена во соработка со УНИЦЕФ, каде се поддржува нивната креативност и се стимулира заложбата за напредок, преку понуда на некое решение на секојдневен предизвик од кој е засегнато општеството во областа на екологијата, енергетиката и слично.

Во рамки на темелната реформа на основното образование, со нови наставни програми, нови учебници и целосно нов пристап на наставниците во наставата, исто така го поттикнуваме креативниот потенцијал на учениците.

 

Дополнително, со воведувањето на повеќе изборни предмети во основните училишта се дава шанса секој ученик да го одбере тоа што му е најинтересно и кадешто постигнува најдобри резултати. Така се овозможува рана идентификација на афинитети, предиспозиции и талент за одредена работа или во одредена област, што овозможува ран почеток на следењето на детето и се дава потребната поддршка за да напредува.

 

МОН ќе продолжи и во иднина со креирање на нови и унапредување на постојните политики за поддршка на талентираните ученици, со цел овозможување на целосно остварување на нивниот потенцијал и секако стимулација за вложување на сопствените знаења и способности во развојот на Република Северна Македонија“, ни истакнаа од МОН.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости