Министерството за образование и наука реагира, како што посочуваат, на пласираните невистини дека на партиски избори одржани во неделата се гласало во училишта. Станува збор за груба, намерна манипулација и дезинформација, велат од Министерството за образование и наука.
-Не се гласало во ниту едно училиште на територијата на Република Северна Македонија.
Министерството за образование и наука работи согласно закон. Со Законот за основно образование, во основните училишта се забранува партиско и верско организирање и дејствување, како и истакнување на партиски и верски обележја. Оваа Влада и Министерството за образование и наука ги користат училиштата за дејноста за којашто се наменети – за спроведување на воспитно-образовниот процес.
Министерството за образование и наука апелира политичките партии да не го инволвираат образованието во дневните агенди, се вели во реакцијата на министерството.
Денеска пак лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвини дека за синоќешните внатрепартиски на СДСМ биле користени и училници како избирачки места.