Откако, потпретседателката на СДСМ, Фросина Ременски, јавно предупреди дека се исчезнати два афис системи, или опрема наменета за две лабаратории, кои според неа, првично ги набавило Министерството за образование и наука, но подоцна им се губи трагaта, со реакција се јавија од министерството. Тие во своето соопштение истакнуваат дека не може да исчезне нешто што не е набавено, односно истакнуваат дека распишале тендер за опрема за три лабаратории, но на крајот опремиле само една.
-Во објавен повик на Министерството за образование и наука бр.43/2010, согласно Законот за јавните набавки, во деллива постапка се бараа правни субјекти коишто ќе обезбедат опрема за три лаборатории и тоа: Лабораторија за аудио и видео обработка на податоци, Лабораторија за продукција и Лабораторија за криминалистичка регистрација и идентификација. Деллива постапка значи дека не мора еден ист понудувач да се јави за сите три лаборатории, туку дека може за секоја лабораторијаа да се појави различен понудувач. Дополнително тоа значи и дека објавувачот на тендер (во овој случај МОН) може да избере фирма за само една или само две од трите лаборатории (не мора за сите три лаборатории да се избере понудувач). На јавната набавка, избрана е само една фирма понудувач и тоа за набавка на третата лабораторија (Лабораторија за криминалистичка регистрација и идентификација), односно избрана е фирма за набавка на само една лабораторија, а не набавка на три лаборатории“, се наведува во соопштението на МОН.
Од Министерството додаваат дека за првите две лаборатории постапката била поништена поради повисока понудена цена.
-Оттука апсолутно е неточен податокот дека се набавени три лаборатории, па затоа не е возможно да исчезне нешто што и не постои (не е набавено). На огласот објавен на Бирото за јавни набавки, согласно законските одредби за водење на постапи за јавни набавки, наведен е оглас за избор на понудувач и склучен договор со понудувачот (за набавката на една лабораторија), бидејќи согласно правилата на БЈН, се објавува и договорот со понудувачот. Од табелата јасно се гледа дека целата набавка се однесува на 3 лаборатории (“За целиот предмет на набавка”), но дека е реализирана само дел од набавката, односно дека е набавена само една лабораторија а не три лаборатории (“Опис на делот за набавка”) и тоа само Лабораторија за криминалистичка регистрација и идентификација“, реагира Министерството за образование.