Министерството за образование и наука му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на Тетово, Биљал Касами за именување и разрешување на директор на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, откако тој во мај годинава ја разреши директорката на гимназијата, кадар на ДУИ, откако откри злоупотреби при направената ревизија во училиштето.
Како причина за ваквата одлука на МОН е наведено тоа што и покрај укажувањата и преземените мерки и активности од Државниот просветен инспекторат, општината не обезбедила извршување на работите кои со закон се утврдени како нејзина надлежност.
-Државниот просветен инспекторат на 8 јули го извести Министерството за образование и наука дека е извршен вонреден инспекциски надзор во СОУГ „Кирил Пејчиновиќ“ во општина Тетово, по иницијатива на разрешениот директор на училиштето. Утврдено е дека градоначалникот на Општина Тетово го разрешил директорот без претходно спроведена постапка согласно закон и именувал вршител на должноста директор, стои во соопштението од МОН.
Инспекторатот, како што се наведува, му укажал на градоначалникот за незаконитата постапка. Согласно Закон, Инспекторатот извршил контролен инспекциски надзор, со цел да утврди дали градоначалникот на Општина Тетово, постапил по укажувањето.
-Утврдено е дека Решението за разрешување на директорот се уште не е поништено, а функцијата вршител на должност се уште ја врши новоименуваниот директор, се вели во соопштението.
Вршењето на одземените работи, согласно Закон, го презема Министерството за образование и наука, во име и за сметка на општината во траење од 12 месеци.
Од таму велат дека начинот на објавување на оваа одлука, кој општина Тетово го доби преку новинарите, ја покажува сериозноста и тежината на оваа корумпирана власт, поточно Министерството за образование и наука, која не наоѓа официјален начин за комуникација иако оваа општина е најголемата албанска општина во РСМ.
Општината реагираше на одлуката и објаснува дека директорката била разрешена врз основа на предлог на средношколскиот совет откако биле констатирани низа прекршоци и финансиски злоупотреби со кои бил оштетен буџетот на училиштето.
-Го прашуваме министерот дали е свесен за овие постапки или само му ги испраќат писма да потпише и да ги прифати наредби од неговиот шеф А.Г., кој очигледно е подготвен на се, само да им се одмазди на граѓаните на Тетово за поразот на локалните избори. И на крај, ве известуваме дека за предметниот случај, општина Тетово ќе ги информира сите дипломатски претставништва на пријателските земји, пред се Вашингтон и Брисел, се вели во реакцијата на општината.
Инаку Биљал Касами е кадар на БЕСА, додека Министерот за образование, Јетон Шаќири е од редовите на владејачката ДУИ.