Еден мал дел учебници, кои не се испечатени се всушност сé уште во постапка, односно за одобрување на истите одлучува Националната комисија за учебници, по што и тие ќе бидат испечатени и испорачани. Во меѓувреме на располагање ќе бидат помошни материјали за ученици и прирачници за наставници кои ќе ја збогатат наставата, соопшти Министерството за образование и наука.
Според МОН овие учебници се изработени од Бирото за развој на образованието и ќе бидат достапни само во електронска форма на веб страната на Бирото.
„Секако, постои можност секое училиште на своја иницијатива, индивидуално да одлучи да ги испечати“, соопшти МОН.
Од Министерството уверуваат дека учебници за учениците ќе има и дека успеале сите одобрени учебници да ги испечатат и до први септември и ќе бидат испорачани до училиштата. Ова соопштение дојде по обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека и оваа учебна година ќе почне без учебници.
Од МОН велат дека место неосновани критики и ширење дезинформации, политичките субјекти кои сакаат да дадат придонес кон унапредувањето на квалитетот на националниот образовен систем, да го сторат тоа преку конструктивни сугестии.