Министерството за образование и наука со допис ги известило училиштата дека двете среди (24 април и 8 мај) кога нема да работат поради одржување на изборите, треба да ги одработат во две саботи (18 мај и 1 јуни).
Во соопштението од МОН, со вчерашен датум, се наведува дека треба да се исполни одредбата од законот според која учебната година трае 180 наставни денови.
На ова реагираше претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
„Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни? Министерот за образование веднаш да го повлече Известувањето до училиштата, со кое се задолжуваат да ги одработат ,,неработните” денови, прогласени од Владата, заради одржување на престојните избори!
Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година“ напиша тој на Фејсбук.
Основните училиштата во Скопје треба да работат и на 15 јуни (сабота) за да го надоместат 30 ноември 2023 (четврток) кога не работеа поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.